Масовни протести денеска и утре организираат студентските здруженија и ученичките организации во центарот на Атина, додека грчката полиција се подготвува за сите можни сценарија.
Главните барања на младите се насочени против високите трошоци за студирање и зачувување на бесплатното образование.
Протестните активности започнуваат денеска во 18 часот со собир на студентските здруженија на плоштадот Синтагма, каде што е планиран нов протестен камп со шатори и концерт. Утре, среда, најавен е и 24-часовен национален штрајк во кој ќе учествува и синдикатот на наставниците во средните училишта , со протестни собири во Атина, Солун и Патра.
Учениците и средношколците утре ќе излезат на улица по повикот од платформите поврзани со Комунистичката младина и Комунистичката партија на Грција (ККЕ). Собирот е закажан за 12 часот на плоштадот Проплаја, од каде што ќе започне марш кон Синтагма под слоганот: „Од Грција до Франција, се бориме за јавно и бесплатно образование“.
Поради најавените собири, полицијата ги мобилизира сите достапни безбедносни капацитети, а фокусот е ставен на спречување евентуални инциденти.
„Со секое такво собирање, се подготвуваме дури и за најлошите сценарија, односно за можноста да се појават групи луѓе кои ќе се обидат да ги разбијат собирите и да предизвикаат проблеми за демонстрантите и полицијата“, изјави утрово портпаролката на грчката полиција Констанција Димоглиду, според грчките медиуми.












