Сите се задоволни од резултатот во Брвеница, иако никој не победи во првиот круг на изборите. Партиските соопштенија ставаат акцент на предноста во однос на противкандидатите, додека партискиот рејтинг паѓа во втор план.ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат пад од 444 гласа од ланските локални избори, се задоволни што имаат предност од околу 800 гласа пред кандидатот на ДУИ, додека разликата во однос на кандидатот на СДСМ е повеќе од 4 спрема 1.
„Вчера ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Брвеница, со огромен резултат. Тоа е значајна победа за ВМРО-ДПМНЕ во Полошкиот регион. Во вториот круг очекувам уште поголема поддршка од граѓаните, без разлика на етничката припадност и уште подобар изборен резултат, за да ја заокружиме целосно победата на 1 ноември. Благодарност до граѓаните на Брвеница кои што излегоа и ја поддржаа победата на ВМРО-ДПМНЕ, со некаде отприлика 3.000 гласа. Очекувам таа бројка после вториот круг да се искачи на рекордни 4.000 гласа“, рече Христијан Мицкоски, премиер.
Во СДСМ, пак, се задоволни од тоа што имаат 225 гласа повеќе од минатите избори, а се занемарува фактот што се на четврто место. Тоа што имаат 46 проценти повеќе гласови од минатиот пат, за нив значи раст на довербата и препознавање на квалитетот на новото раководство. Бараат и обвинителството да истражи како резултатите од гласањето на болните и немоќни лица излегоа во јавност ден порано, иако и тие кутии се отвораат на денот на изборите, заедно со гласовите до избирачките места.
„Болните и немоќните гласаат дома, во присуство на комисија. Кутиите се затвораат. Се носат. Се отвораат на денот на изборите, заедно со гласовите од избирачките места. Не се бројат претходниот ден. Не се објавуваат претходниот ден. Освен ако некој веќе „знае“ што има внатре. СДСМ бара обвинителство веднаш да спроведе истрага. Како е можно да се знаат гласовите од запечатените кутии што се отвораат во исто време со гласовите од избирачките места?“, праша Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Интерпретацијата на изборниот резултат од страна на партиското раководство ја оспорија од „Платформа 12.05“ кои укажуваат дека кандидатот на СДСМ добил 57 гласа помалку од советничката листа на партијата на локалните избори во 2025 година и дека освоил повеќе гласови само од двајца независни кандидати. Обвинија и дека освоеното четврто место е директна последица на начинот на кој се води партијата.
Од ДУИ преку соопштение го поздравија изборниот резултат на Аркин Јахији, кандидатот на НАИ во Брвеница, кој обезбеди пласман во вториот круг на изборите. Оценија дека резултатот ја потврдува поддршката од граѓаните и потребата од локален развој и институции што ќе им служат на сите, без разлика на нивната припадност.
Кандидатот на „Вреди“, Јакуп Хусеини не освои доволно гласови за да се пласира во вториот круг, но наместо кај коалиционите партнери во власта, отиде да честита во ДУИ. Веднаш по објавувањето на резултатите, го посети изборниот штаб на Аркин Јахији и му го честиташе пласманот во вториот круг, што во јавноста беше протолкувано како најава за можна поддршка пред финалната битка со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Синоќа портпаролот на „Вреди“ не сакаше да одговори кого партијата ќе поддржи во вториот круг на изборите, велејќи дека треба да одлучи претседателството на партијата. Тоа што Хусеини му честитал на Јахији, го оцени како висок демократски потег.
Во меѓувреме, се огласи и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, кој ги повика сите албански партии да гласаат за кандидатот Албанец, поддржан од ДУИ.
Далиборка Демјанска Цветановска













