Жители на Општина Карпош реагираат дека од девет часот утрово немаат вода ниту за пиење ниту за хигиена. За Телма велат дека 10 часа се без вода, не се во состојба да си ги извршуваат основните потреби, поради што револтирани бараат од „Водовод и Канализација“ во најбрз можен рок тоа да се реши.
Во соопштението на „Водовод и Канализација“ пак денеска е најавен прекин на водоснабдувањето на улиците „Прашка“ и „Дамска“, дел од улицата „Букурешка“, како и Гимназијата и основното училиште „Нова“. Поради како што пишува уличен дефект, поради кој е неопходна интервенција на водоводната мрежа.
Сепак во соопштението не е наведено кога ќе се санира дефектот што жителите на Општина Карпош ги става во безизлезна ситуација, бидејки како што велат од „Водовод“, водата нема да им биде достапна на жителите сè додека екипите на терен не ги завршат предвидените работни активности за отстранување на дефектот.
Телма побара одговори од Водовод – оттаму велат дека дефектот е специфичен, паднала канделабра и внимателно се работи на каблите да не дојдат во контакт со водата. Санацијата ќе трае и во текот на ноќта, со надеж дека жителите на Карпош ќе добијат вода во утринските часови.













