Македонија Топ вести

Во Кочанско 12 пожари за едно деноноќие, изгоре патничко возило и 20 хектари земјоделски култури

Вкупно 12 интервенции во изминатото деноноќие имаа пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани, главно за гаснење пожари на земјоделски површини.

Во огнената стихија биле зафатени 20 хектари со земјоделски култури, претежно жита, а од огнот што се прошири кон магистралниот пат А3 било зафатено и патничко возило кое целосно изгорело, а патниците во него се здобиле со полесни повреди.

-Без прекин во интервенциите бевме во изминатите 24 часа. Со шест возила и 11 пожарникари од нашата единица, како и со помош од колегите од Виница, гасневме пожари на отворен простор во селата Облешево, Чешиново, Теранци, Чифлик и Кучичино во општина Чешиново-Облешево. Практично немаше дел од полето што не гореше. Не успеавме да го спасиме автомобилот што настрада во огнот на магистралниот пат во близина на Облешево. Внатре имаше семејство кое се обиде и само да интервенира во гаснењето, поради што лицата се здобија со повреди и беа префрлени во болница. За среќа не се работи за сериозни последици и пуштени се на домашно лекување, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Во текот на ноќта избувнал уште еден пожар во близина на Чешиново во кој изгореле 2.500 бали со сено, а огнот зафатил и дел од стопански објекти при што е причинета поголема материјална штета.

Причина за пожарите е палењето на стрништата и сламата по завршувањето на жетвата на житата, поради што од ТППЕ – Кочани алармираа до земјоделците да се воздржат од таквите постапки за да се избегнат сериозни материјални последици и загрозување на човечки животи.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Путин: Состојбата со горивото е привремен предизвик

Tea Dimkovska

Стари рамки од прозорци, столови и друга покуќнина оставени пред влез на Рузвелтова, сопственикот е откриен и утре ќе добие казна

Дејан Дејан

Девет европски земји бараат од Европската комисија да ги олесни контролите на границите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе