Ива Михајлова, избегала за да го избегне конзилиумот на бугарски лекари, кои требаше да дојдат во земјава и заедно со своите македонски колеги да ги проверат нејзините наводи за нарушено здавје. Ова го тврди министреот Клековски, кој наредната недела , планира средба во бугарското министерство за здравство, за време на неговата посета на Софија, поврзана со повредените од Кочани.
Клековски е убеден дека лекарите само би потврдиле дека бегството на Михаилова не е здравствен случај.
– Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш работите ќе излезеа на виделина какви што се. Јас патувам во Софија и ќе разговарам со нивното Министерство, бидејќи во основа таму нема здравствен случај, изјави Клековски.
Во меѓувреме, здравствените инспектори беа на Клиниката за неврологија во Скопје за да го проверат протоколот на лекувањето на Ива Михаилова. Искази дале директорот на Клиниката, Јован Божиновски, и доктор Иван Барбов, кој го водел нејзиниот случај. Барбов, во изјава за „Слободен печат“, вели не знаел дека против Михаилова се водат судски постапки во земјава, кога поради нејзиното бугарско здравствено осигуруање кажал дека може да се лекува таму, но не ја пратил, туку кажал дека е опција – не единствена.
– Меѓутоа и да сум знаел јас сум лекар должен сум да помогнам се што можам и после таа хоспитализација таа дојде неколку пати на преглед кај мене и јас третманите што ги предложив да бидат направени во странство односно да бидат направени во Бугарија беа поради тоа што таа имаше бугарско државјанство и логично беше таму да ги направи тие прегледи и во тој правец беа дадени моите насоки за понатамошно лекување. Тука мојата обврска како лекар завршува, рече Иван Барбов доктор на Клиника за неврологија.
Барбов додава дека прегледите биле плаќани преку конвенцијата меѓу Македонија и Бугарија, а изборот каде ќе се лекува е и право на пациентот. Според него, предлогот за лекување во странство бил даден затоа што Михаилова немала здравствено осигурување. Поради тоа, сметал дека нема основа да се бара конзилијарно мислење од Клиниката, кое потоа би било доставено до Фондот за здравствено осигурување за одобрување лекување во странство.
Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, за Телма вели дека не бил одржан стручен колегиум на кој би било донесено конзилијарно мислење за лекување во странство. Според него, Барбов воопшто не побарал да се свика колегиум. Божиновски посочува дека докторот објаснил оти чекал резултат од магнетна резонанца направена во приватна болница.
Михаилова тврдеше дека е дискриминирана поради бугарското потекло и дека не и било дозволено да замине на лекување во Бугарија откако и биле одземени личните документи во рамки на судската постапка против неа. Таа побегна во Бугарија тврдејќи дека заминала од здравствени причини.
Симона Петровска













