Без наука нема ниту подобрување на квалитетот на високото образование, ниту унапредување на наставниот процес, ниту зајакнување на капацитетите на наставниот и истражувачкиот кадар, ресурсите и капацитетите, и особено важно, ниту можност за објавување трудови со фактор на влијание во респектaбилни списанија и бази на списанија, забележа претседателот на Македонската академија на науките и уметностите акад. Живко Попов во своето обраќање по повод Денот на МАНУ.
Податоците од 2024 година покажуваат дека системот функционира во услови на изразена институционална нерамнотежа: дури 2.675 од вкупно 3.532 вработени во истражување и развој работат во секторот за високото образование, што значи дека научната работа е маргинализирана во институциите кои треба да бидат нејзини примарни носители – државните научни институти и деловниот сектор. Оваа концентрација создава систем во кој истражувањето е подредено на наставните обврски, а научната продукција станува спореден производ на академското работење, изјави Попов.
Високото образование не е трошок, тоа е темелот врз кој се гради научниот, технолошкиот и културниот развој на општеството. Според академик Попов финансиската структура дополнително ја влошува сликата.
-Со 68,5 % од вкупните трошоци насочени кон високото образование и само 7,6 % кон владиниот сектор, системот финансиски ги зацврстува постојните дисбаланси. Уште поиндикативен е податокот дека од буџетот за наука во 2026 година, 61,9 % се наменети за плати и тековни трошоци на научните институти, додека само 36,2 % остануваат за реални истражувачки проекти. Ова создава парадокс: институциите формално постојат и вработуваат високообразовани кадри, но нивната фактичка истражувачка продуктивност е ограничена поради недостиг на оперативни средства, истакнува Попов.
Во своето обраќање претседателот на МАНУ се осврна и на програмата за оваа година 2026- та и за новите предизвици во време на забрзани технолошки промени.
Нина Стефанова













