Отворен е реновираниот машки оддел за ургентна психијатрија при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“. Со реконструкцијата во износ од речиси 300.000 евра заменети се и сите инсталации, прозорците, решетките, тоалетите и целата нивна инфраструктура.
Директорот на болницата Иса Авдулаи рече дека негова обврска останува и понатаму да создава подобри услови за пациентите.
„Најавувам дека в година повторно ќе се сретнеме заедно за да отвориме уште еден современ реновиран простор, а тоа е судското одделение“- рече Авдулаи.

„Грижата за менталното здравје не е само грижа за психијатриските установи. Во Фондот уште минатата година во превентивните цели за примарното здравство за матичните доктори е поставена нова цел рано откривање депресија кај младите луѓе бидејќи во модерното општество сè повеќе ќе имаме потреба од тоа. Се надевам дека набргу ќе можеме да почнеме да работиме на реализација на мрежа за ментално здравје на младите бидејќи во основа треба да се грижиме за почетните состојби и да откриваме колку можеме и третираме психијатриски состојби во раните фази за да не бидат после потребни повеќе вакви установи, рече министерот за здравство Сашо Клековски.
Во болницата има зголемен број на пациенти и моментално се хоспитализирани од 300-320 пациенти. 300 пациенти се сместени во Демир Хисар а околу 240 во Негорци.
Зголемен е и бројот на пацинети кои се испраќаат во психијатриските болници по судска наредба и тоа создава притисок на капацитетите. Моментално има 97 судски пациенти.













