Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

МНР: Бегството на Михаилова испраќа погрешна порака за постапување на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот

/

Македонија

Сподели преку :

Бегството на Михаилова ја става на тест довербата помеѓу Македонија и Бугарија и продолжува да ги бранува дипломатските кругови.

Шефот на дипломатијата, Муцунски, го повикал во МНР амбасадорот на Бугарија, Радуков, да разговараат за случајот и да му ја пренесе позицијата на државата.

Пречекот на Ива Михаилова во Софија, за МНР претставува провокација, ги поткопува напорите за развивање на добрососедските односи и испраќа погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот.

„Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. На амбасадорот му беше пренесено дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено институциите на Европската унија и Советот на Европа“, велат од МНР. 

Опозицијата сепак е на став дека Михаилова не избегала туку е пуштена да си замине. Од СДСМ велат „народот виде што договарал Муцунски „под радарот“ во Софија“. Сметаат дека скандалот не може да се сведе на повикување амбасадори на дипломатски разговори, ниту пак допрва да се најавуваат потерници. Наместо тоа, социјалдемократите бараат итна оставка од првиот човек на полицијата.

„Одговорност мора да има за сите за кои ќе се утврди дека договарале, дека давале незаконски наредби и инструкции, дека овозможиле заминување и дека ја пуштиле Михаилова. Знаеме многу добро дека во владата на Мицкоски има огромен број функционери со бугарски пасоши. Знаеме дека истите тие функционери имаат фирми во Бугарија и затоа сето ова добива крајно сериозна смисла. Оставката на Тошковски ќе биде некаква гаранција дека тој нема да влијае врз истрагата“, изјави членот на ИО и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски. 

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат со контраобвинувања до СДСМ и претседателот Филипче.

„Очекуваме одговори од Филипче и Заев, дали е точно дека имаат ургирано кај својот криминален другар и доктор Барбов, да направи таква дијагноза за Ива Михаилова во која докторот укажува дека таква метода за лекување нема во Македонија туку има во Бугарија, за што се директно уценети од Румен Радев?“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски. 

Претходно, од опозициската Левица случајот го оценија како пораз на правната држава со зборовите „безбедносниот систем е крахиран и границите швајцарско сирење“. Од ЛДП сметаат дека вака се гради систем на неправда и се поттикнува неказнивоста.

Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, тврдеше дека е дискриминирана поради бугарското потекло и дека не ѝ било дозволено да замине на лекување во Бугарија откако ѝ биле одземени личните документи во рамки на судската постапка против неа.

Петар Догов

Jumbo 2