Загрижува фактот дека се поголем број млади лица не само што говорат туку и почнуваат да размислуваат на туѓ јазик, вели професор Елена Јованова – Грујовска. Таа ги повика сите родители и воопшто сите повозрасни лица кои на различен начин се дел од секојдневието на овие млади лица да разговараат на македонски јазик.
-Да го стимулираат зборувањето и пишувањето на македонски јазик. Имаме ситуации кога млади деца на десетина години кажуваат дека можат да го кажат, изустат проблемот на туѓ јазик, но не можат на мајчин, на македонски јазик. Не можат да се сетат како е да се каже на македонски јазик. Доколку се зголеми бројот на ваквите деца, на ваквите ученици, во тој случај самите си ја сечеме гранката на која што седиме, изјави проф. д-р Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Да се зборува за македонскиот јазик во неговата колевка, , каде што тој се проучува не е само чест и привилегија, туку и голема одговорност, рече претседателот на Собранието Африм Гаши на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
-Припаѓајќи на народ, кој исто така го изградил својот национален идентитет врз јазикот чиј успех се мери според степенот на неговата употреба, најдобро ја разбирам тежината и значењето на македонскиот јазик за македонскиот народ. Токму затоа во текот на целата моја политичка кариера, но и пред тоа сум се трудел да бидам внимателен не само да не го повредам овој важен елемент на градењето на националниот идентитет на моите сограѓани, туку и да помогнам во негово афирмирање и заштита, секаде каде што сум имал можност и во секоја пригода, изјави Африм Гаши -претседател на Собранието.
Во рамки на Отворените денови на Институтот кој секогаш бил и е пример за почитување на различните култури и јазици денешниот ден беше прогласен за Ден на францускиот јазик во Институтот.
-Лично сум убеден дека доколку еден човек добро го познава својот јазик претставува посебно богатство за таа индивидуа. Јазиците не се само речници и учебници, туку јазикот е нешто што секојдневно ги живееме преку литературата преку музиката, изјава Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција во РС. Македонија .
Јазиците не се само речници и учебници, туку јазикот е нешто што секојдневно ги живееме преку литературата преку музиката.
Во рамки на годинашните Отворени денови на Институтот за македонски јазик се одржува и дводневната меѓународна конференција „Македонскиот јазик- извор на научни истражувања“ со повеќе домашни и странски научници.
Нина Стефанова













