На хартија нема ништо, во обвинение – пари, куќи, станови плацеви шуми и викендици. Со овие податоци за екс премиерот, претседател на ВМРО ДПМНЕ а сега азилант во Унгарија Никола Груевски започна судскиот процес попознат како Плацеви на Водно. Првообвинет е и ќе му се суди во одсуство. Во суд седнаа неговиот прв братучед Сашо Мијалков, неговиот поранешен кум Ристо Новачевски, беизнисменот и неговата мајка Јордан и Ратка Камчеви и бизнис партнерот на камчеви Ненад Јосифовиќ. Груевски перел пари и криел дека има незаконски стекнат имот, а останатите му помагале, рече обвинителката Лиле Стефанова.
Никола Груевски беше Премиер повеќе од 10 години и цело време пред јавноста градеше имиџ на безимотен, дека нема стан, кола, живее од плата. Ќе го докажеме спротивното. Тој има имот впишан на други лица и фирми, а до денес го прикриваат останатите обвинети. Немаше да знаеме ако не постоеја прислушкуваните разговори.
Обвинителството направи пресек како Груевски се стекнал со имот. Собирал партиски донации во сеф во ВМРО ДПМНЕ, но дел од парите ги префрлал и на сметки во банки во Кипар и Швајцарија. Во 2008 и 9 – та си докупил станови околу неговиот, но на туѓо име за да прикрие. Купил и плац на Водно од 2 700 м2 за само 100 илјади евра на јавно наддавање од министерство за транспорт на кој имал план да гради барокна куќа. Се полакомил и за земјиште кај крушевско Норово, на име на Ристо Новачевски. Менувал закони и трошел општински пари за да изгради инфраструктура до овој имот. Кулминацијата била кога дознал за шумите на Водно од 11 000 м2, па се обидувал претходниот плац да го продаде за 1,2 милиони евра за да си купи поголема земја. Побарал помош од Мијалков, кој според Стефанова, во тоа време бил моќна политичка фигура директор на УБК. Преку него дошол до офшор компанија на Ненад Јосифовиќ „Сирах Лимитед“ во Белизе. Искористувајќи банки и институции успеал да го купи на име на Новачевски. Во 2015 та се објавуваат прислушкуваните разговори и Груевски брза да ги прикрие фактите, рече Стефанова. Имотот преку повеќе трансакции, меѓу кои и на фирми на офшор компанија во Панама ГГ Груп Глобал, успеал наводно да продаде на фирмите на камчеви за на крај пак да остане негов, рече Стефанова.
Сите знаеле дека парите се незаконски стекнати но му помагале, меѓу нив немало непроверени, само најбитни. Се било умислено. Барам сите да ги прогласите за виновни и да се конфискува цел имот.
Обвинетите не кажаа дали се чувствуваат виновни за ова. Бараа да ги видат ново пристигнатите докази од Кипар.
Следното рочиште е во понеделник. Груевски нема да има можност да се изјасни за вината, пред вид ќе се земе исказот даден во предистрага. Мијалков и Камчев пак ќе бидат донесени од притвор за да кажат дали се чувствуваат виновни.
Билјана Николовска
