Фото: Розев пикник појадок во Скопје/Хема-онко
Една од 20 жени на глобално ниво во текот на својот живот ќе ја добие дијагнозата рак на дојка – објави Меѓународната агенција за истражување на ракот со седиште во Лион, Франција. А во домашната статистика се вбројуваат 458 новодијагностицирани пациентки само во првите шест месеци од годинава на Клиниката за радиотерапија и онкологија од каде за Телма, информираат дека ракот на дојка е на прво место меѓу новорегистрираните малигни неоплазми кај жените во земјава.
Но ова не се само обични бројки. Зад нив се кријат судбините не само на заболените туку и на нивните семејства. Тие освен со болеста, водат битка и на друг фронт – исправени пред недостатоците на системот.
Во најновото издание на „НИЕ“, ги носиме животните приказни на две храбри жени. Но, бараме и одговори од стручната фела, во овој октомври кој традиционално се одбележува како месец за кревање на свеста за ракот на дојка.
Шеесетгодишната Роза Трајчевска од Скопје е една од жените во чија чест, десеттиот месец од годината се бои во розово, а преку панделките во оваа боја симболично се испраќаат пораки на надеж и поддршка. Пред три години загубила дел од своето тело за да може срцето во него, да продолжи да чука. Ја добила дијагнозата рак на дојка, точно 23 години по откривањето на бенигниот тумор во дојката, односно 20 години откако била дијагностицирана со рак на грлото на матка.
Но емотивниот ролеркостер кој ѝ го донел и карциномот што во меѓувреме го имала и нејзината нејзината мајка, донел голем стрес кој подоцна ќе си го земе данокот. Занемарувањето на редовните прегледи ќе ја доведе до ново поглавје во животот, испреплетувајќи ги и стравот и храброста.
„Значи, не бев дисциплиниран пациент во тој дел. Така и ми кажа докторката и ми напиша дури и во извештајот дека не сум дисциплинирана заради тоа што четири години не отидов на мамографија од причина којашто јас си се оправдував заради тоа што мајка ми беше болна од канцер од 2018 до 2021 кога почина. И кога одев на контроли за неа велев дека, Дај Боже никој да не помине по овие ходници. Но многу брзо поминав и јас. Во 2023 пред одморите решив така, ајде да си направам една контрола пред одморот. Си направив мамографија. Резултатот после четири дена ми беше даден на шалтер и пишуваше дека слободно можам да си одам на контрола и да дојдам после две години. Дека сѐ е во ред, дека нема ништо, ми беше дадено и цд“, ја почнува Роза, својата приказна.

Но, добрите резултати кои ги добила нашата соговорничка, биле такви само на хартија.
На инсистирање на нејзина роднина, инаку медицинска сестра во една од приватните болници во Скопје, таа се обратила за второ мислење по кое, веќе испланираниот одмор на Јадранот, тоа лето не се реализирал.
По прегледаните снимки од мамографот, направениот ехо-преглед и направената кор-биопсија, стигнал телефонскиот повик од докторката со совет – што побргу да се најде хирург.
„За десетина дена најдов хирург, ги однесов резултатите и ми беше кажано дека заради поставеноста на самиот канцер во дојката, треба да се отстрани целата дојка. Можно е дека ќе треба да се отстранат и лимфните жлезди. Сега се присетувам, сега повеќе се плашам отколку пред три години, кога ми беше кажано што ќе се случува со мене. Повеќе се плашам од рецидиви. Иако правам редовни контроли мислам дека сега имам многу помалку сила да се вратам наназад три години отколку пред три години, затоа што едноставно не знаев што ми следува“, додава Роза.
По операцијата, следувале осум циклуси на хемотерапија и уште 18 на биолошка, а во тригодишниот период кој претстои ќе треба да ги пие таблетите кои ѝ се терапија веќе две години.
Најголемата поддршка во најтешките моменти, на Роза ѝ ја дале сопругот и синот. Таа вели дека со маката на пациентот, никој друг не се соживува толку многу како најблиските. По секоја хемотерапија завршувала на инфузии поради бројните нус-ефекти кои траеле по десетина дена. Паѓањето на долгата коса сепак, не го доживеала толку стресно, бидејќи знаела дека наскоро ќе порасне нова.
Три години подоцна, таа со задоволство ги извршува работните обврски во сопственото сметководствено биро каде како што вели, едвај чекала да се врати.
А, некаде помеѓу нив, е сместен и еланот за да истражува нови места, а тоа го прави преку честите патувања. Но, честа е и потребата од контроли за да може да се следи нејзината здравствена состојба. Доаѓањето пак, до нив во јавното здравство е како борба со ветерници во која секогаш ќе бидете упатени кај различен доктор кој одново и одново мора да ја гледа целокупната медицинска историја. Токму поради тоа, и покрај високите цени, Роза решила контролите да ги плаќа сама на приватно:
„Но, јас одлучив да не си правам експерименти и се префрлив во приватно. Не може секој да си го приушти тоа, затоа што воопшто не е евтино. Приватното. Но решив дека еднаш годишно можам да го платам тоа. Јас лично можам, не може секој да го плати. Да одам на приватно еднаш годишно на ехо и на шест месеци…Не, еднаш годишно на мамографија и на шест месеци ехо на дојка. Но, посмирена сум. Одам кај истата докторка веќе втор пат. Третиот пат ќе биде пак за шест месеци. Но барем нема да ја повторувам приказната. Приказната е веќе пласирана таму, докторката ја знае, резултатите претходни се нејзини и мојата одлука е таква“.
Недостигот на термини, еден од најголемите проблеми во здравството
Недостигот на термини за преглед не е непознаница во домашното јавно здраство. Тоа е и една од причините поради кои, пациентките најчесто се обраќаат за помош до граѓанскиот сектор. Во него, како мост меѓу пациентите и институциите функционира Здружението Хема-онко.
„Најчесто се јавуваат заради недостаток на терапии, заради недостаток на термини за мамографии, за PET-CT во последно време, бидејќи тоа е едно горливо прашање коешто навистина бара едно солидно решение, бидејќи многу пациенти имаме коишто чекаат за снимање на PET-CT. Потоа прашуваат за некои лични работи, прашуваат за некои испитувања коишто треба да ги прават кога не можат да ги направат во нашиот здравствен систем којшто е од јавен карактер нели, колку тоа би чинело во другите клиники, установи, лаборатории и така натаму. Бараат и психолошка поддршка, што е еден многу, многу битен момент да се спомене. Ние се трудиме сето тоа да го направиме ако не барем со еден почетен разговор, па потоа да ги упатиме на психолог, бидејќи некогаш навистина и тоа е потребно“, вели за Телма, Милица Кузмановска, потпретседателка на Хема-онко.
Приказните се индивидуални, но стравот е заеднички. Затоа, здружението прави напори новодијагностицираните да ги спои со оние кои веќе го изоделе овој пат. А стравот кој е вгнезден уште на почетокот, дополнително се продлабочува со недостигот на терапии. Но, проблемите во јавното здравство се накалемени, па освен недостигот на терапии, пациентите се соочуваат и со недостиг на термини, но и со централизираност на услугите во Скопје.
Кузмановска вели дека за оваа тема многу пати досега е разговарано, но не е најдено генерално решение.

Фото: Розев пикник појадок во Градски парк / Хема-онко
„Имаме одличен онколошки центар во Битола, Тетово функционира, да речеме Штип би можело да профункционира. Тоа би значело олеснување за пациентите и материјалните трошоци да се намалат коишто се јавуваат при патувањето меѓутоа да се олесни и моментот кога најчесто нели, треба да земат ден од работа или да ангажираат некого да ги донесе во Скопје за да ја примаат терапијата. Мислам дека ова навистина би било едно големо олеснување за пациентите. Што се однесува до термините, и за тоа сме навистина многу ангажирани. Термини и има и нема. Поделени се мислењата. Кога збориме за скрининг програмата, дефинитивно не функционира иако ја имаме на хартија, се убаво е склопено, меѓутоа во пракса тоа се покажа дека не е така како што треба да биде“, посочува Кузмановска.
Организираниот скрининг за рак на дојка во Македонија, почна во 2015 година. Програмата ги опфаќа жените на возраст од 40 до 69 години кои немаат симптоми, а кои не направиле мамографија во последните две години. Но, искуствата на жените ја доведуваат во прашање ефективноста на ваквиот скрининг, за кој низа забелешки имаше и Државниот завод за ревизија.
Порака за да се јави на ваков преглед, пролетта 2023, добила тогаш 46-годишната Маја Анѓелковиќ Велеска.
По добиената порака, без никаков симптом, се упатила кон Поликлиниката „Јане Сандански“ каде воопшто и немала контакт со некој од докторите. Но, реакцијата на вработената како радиолошки техничар кој тврдела дека нешто е сомнително, било доволно за Маја да побара второ мислење во приватна болница. Наодот на докторката таму, за жал, не се совпаднал со оној од известувањето кое го добила од Министерството за здравство и според кое, се’ било уредно.

Следувала биопсија, која покажала дека Маја, која дотогаш немала никаков симптом, сепак има рак.
„Во тој момент не го осеќав како страшно затоа што ја имав зацртано нели целта што и како ќе биде. Односно зборував со една жена којашто веќе ја имаше поминато таа голгота. Така да, отидов на Онкологија буквално како на разговор што понатаму и што правиме. После операцијата нормално докторот од васкуларно-торакална хирургија те упатува да одиш на онколог, бидејќи целата града подоцна беше испратена на испитување така да детално се одреди онаа, целата не знам како се викаше тоа, хистопатолошки извештај за канцерот. Така да, отидов чисто буквално јас така си го сфатив мислам си го зацртав во мозокот да не речам, одам на разговор како да одам на разговор на обичен преглед“, споделува Ангелковиќ Велеска
Следувале осум циклуси на хемотерапија – период кој според Маја, многу потешко од неа го поднеле нејзините два сина, инаку тинејџери:
„Од оваа гледна точка можам да кажам дека сум била премногу храбра затоа што јас постојано викав добра сум, добра сум. А тие беа на возраст тинејџери каде што веќе разбираат сѐ. Поголемиот син беше посмирен, тој сега има 20 години. Тогаш баш онака да не речам, 18 – 19. А помалиот сега има 17. Тој не покажуваше пред мене, меѓутоа почна да испитува. Колку се преживува, кој стадиум е. Така да, пред мене беа јаки меѓутоа гледам ден денеска кога ќе зборуваме дека многу тешко го поминале тој период“.
Освен љубовна кон нив, на истрајниот пат ја водела и поддршката која ја добивала од сопругот, но и од мајка си.
Благодарение на тоа, по секоја од последните четири хемотерапии таа продолжувала со своите работни обврски како професор по стручни архитектонски предмети во Средното училиште „Здравко Цветковски“. Три години подоцна, таа апелира до сите оние кои сега ја добиле дијагнозата – храбро да ги прифатат предизвиците кои таа ги носи.
„И можам да кажам, таа младешка, нели младешки дух во којшто јас се движам како професор исто така многу ми помогна да заборавам на се што се случува. Значи храбро да си одат. Дали ќе одберат да носат перика, бидејќи мене ми падна косата јас со перика одев на работа и ги извршував сите можни обврски што ми беа дадени. Така да, само да гледаат напред во иднина, да не се заглавуваат во тоа „леле што ми се случи“ туку храбро да ја прифатат секоја, нели секој предизвик што им иде, што ќе се најде на патот и да гледаат напред“, порачува таа.
Поради првичното искуство, со лажно уредни наоди од скринингот, Маја денес контролите ги прави во приватната болница од каде почнало се’, а како што признава, и воопшто не знае како се стигнува до термин во државното здравство.
Но, онколошките пациенти немаат време за чекање. Обемот на работа Клиниката за радиотерапија и онкологија добива е несразмерно голем со бројот на вработени.
Се намалува возрасната граница на новодијагностицираните
Таму, во 2023 година има вкупно 888 новодијагностицирани пациенти со рак на дојка. Податоците кои оваа Клиника ги достави до Телма, покажуваат дека во 2025-тата, бројот на новодијагностицирани со овој тип на малигнитет е 1087. Од нив, во првата половина од таа година се дијагностицирани 512.
Во истиот период годинава, новодијагностицирани пациенти со рак на дојка се вкупно 458.
Напливот доведува до тоа, во амбулантите на докторите дневно да има по десетици пациенти. Докторката Марина Вукашиновиќ Столеска секој ден прегледува по четириесетина.
Возрасната граница се намалува, но раното дијагностицирање зачестува, а тоа дава простор за поголеми терапевтски можности за лекување.
„Рана дијагностика е првиот и вториот стадиум на болеста секако, меѓутоа не е само во раната дијагностика. Јас секогаш велам не е само дијагностиката со ехото на дојка, со ултразвучниот преглед и со мамографијата, многу е важен самопрегледот на жените уште во најмала возраст. Важно е младите да си ги препознаваат дојките, да видат дали има некоја промена во формата на дојка, појава на некоја промена на дојката, исцедок дали е крвав или друг необичен исцедок, вовлекување на брадавицата, сето тоа се предзнаци да се направи ултразвучен преглед на дојката“, вели за Телма, спец. д-р Марина Вукашиновиќ Столеска.

Според неа, девојките треба да почнат со самопрегледи веднаш после пубертетот. Таа советува самопрегледот да се прави еднаш месечно, десетина дена по менструалниот циклус.
Сепак, не секоја абнормалност почувствувана при самопреглед може да значи карцином. Д-р Вукашиновиќ Столеска предупредува дека иако тоа би требало да се доиследи, често разните промени кои се јавуваат на дојките се всушност, бенигни.
„Пациентките, сите жени, треба да водат грижа за себе, да обрнуваат внимание на себе затоа што животот, не треба да се плашат од ништо, секоја нова промена, било што и да се случува, со време ако се дијагностицира може и да се излекува“.
Иако идејата на скринингот е да овозможи рано откривање на ракот кај жените кои немаат симптоми, неговото спроведување во моментот е привремено запрено – наведуваат од Министерството за здравство во писмен одговор до Телма. Оттаму велат дека причина е постапувањето по препораките на Државниот завод за ревизија.
Нашата цел е скринингот да биде организиран според европските стандарди: со јасно определена целна популација, активно поканување, квалитетен мамографски преглед, навремен резултат и сигурно доиследување на секој сомнителен наод.
Заедно со националната стручна комисија и здравствените установи ги проверуваме расположливите апарати, кадарот и реалниот капацитет по установа. Овие податоци ќе бидат основа за остварливи цели и динамика за продолжување на скринингот – велат во писмен одговор од ресорното Министерство.
Забелешки и препораки од Државниот завод за ревизија
Извештајот кој Државниот завод за ревизија го објави пред шест месеци, нотира дека од 2021 до 2024 година, опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4% што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Овие податоци упатуваат дека со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста – соопштија ревизорите.
Во наведениот период, се направени вкупно 20.946 скрининг мамографии во повеќе мамографски центри.
Извештајот покажува дека во однос на навременоста и квалитетот на дијагностиката, не се утврдени временски рокови од реализирање на скрининг до издавање на резултатите, ниту протоколи за известување на жените. Кај мамографскиот скрининг резултатите во просек се издаваат по околу 25 дена,
Понатамошното постапување по скрининг за рак на дојка, особено кај жените со сомнителни или позитивни наоди, во значителен дел е поврзано со работата на Кабинетите за дојка, кои претставуваат важна алка во дијагностичкиот и терапевтскиот процес. Во дел од јавните здравствени установи ограничените кадровски и организациски капацитети влијаат врз динамиката на закажувањето и врз реализацијата на дополнителните дијагностички постапки и третман.
За надминување на наведените состојби Заводот за ревизија адресираше препораки до здравствените власти насочени кон отстранување на причините за утврдените состојби и создавање услови за спроведување на ефикасен организиран скрининг и тоа: воспоставување соодветна нормативна рамка за организиран скрининг, стандарден сет на цели и индикатори, јасни и транспарентни модели на финансиско надоместување, спроведување континуирани и системски промотивни активности и воспоставување интегриран информациски систем.
Вања Мицевска













