По повод Светскиот ден на менталното здравје, Комората на психолози на Република Македонија денеска повика во 10 часот и 10 минути граѓаните, институциите и носителите на одлуки да одвојат момент за размислување за менталното здравје и за прашањето „Како си, навистина?“.
Во јавната порака, Комората нагласува дека менталното здравје не треба да се третира само во моменти на криза, туку како прашање што се гради секојдневно во семејството, образованието, работната средина и здравствениот систем.
Оттаму посочуваат дека зад секојдневното функционирање на луѓето често се кријат замор, исцрпеност и лични борби кои остануваат незабележани, поради што е неопходно општеството да создава услови за навремена поддршка и грижа.
Комората апелира до креаторите на политиките да обезбедат подостапни услуги, превентивни програми и доволен број стручни лица, а до образовните институции да посветат поголемо внимание на психолошката благосостојба на децата и младите.
-Менталното здравје не е нешто што го забележуваме само кога ќе се појави криза. Не започнува во ординацијата и не завршува со разговорот со психолог. Тоа се гради секој ден – во семејството, во училиштето, на работното место, во здравствениот систем, во начинот на кој раководиме со луѓето и во начинот на кој како општество одговараме на нивните потреби – велат од Комората на психолози, чија претседателка, проф. д-р Елеонора Серафимовска во изјава за Телма зборуваше за митовите наспроти реалноста за грижата за менталното здраје.
„Најчесто се смета дека на психолог се оди само кога веќе не можеме да издржиме, но на психолог се оди кога би сакале да поразговараме при некоја важна одлука во животот, да се запознаеме подобро зошто така функциоинраме или размислуваме. Друг мит е дека одењето на психолог е знак на слабост, можеби не е како порано но се смета дека човек треба сам да се избори. Препознавањето дека некои нешта не можеме да ги решиме е чин на храброст“, порача Серафимовска.
Од Комората, по повод Светскиот ден на менталното здравје, денеска упатија порака и до креаторите на политиките – менталното здравје не смее да биде тема само по трагедија, криза или јавен притисок. Потребни се достапни услуги, превенција, доволен број стручни лица и систем што реагира пред човекот да стигне до точка на целосна исцрпеност.
До училишните раководства – психолошката благосостојба на детето не е помалку важна од неговиот успех. Училиштето не треба да биде место каде што само се забележува проблемот, туку средина во која детето знае дека има кому да му се обрати.
До работодавачите, менаџерите и сите на раководни позиции – грижата за менталното здравје не е тим-билдинг еднаш годишно, ниту мотивациска порака на ѕид. Таа се гледа во реалниот обем на работа, во начинот на кој се разговара со луѓето, во можноста да кажат дека не можат повеќе, без да стравуваат дека ќе бидат прогласени за слаби или неспособни.
До здравствените, социјалните и педагошките работници, психолозите, наставниците и сите што секојдневно се грижат за други – и вие имате право да се изморите. И вие имате право на поддршка. Помагањето не значи дека вие мора да можете да носите сè.
Да бидеме отворени и да зборуваме за тоа што нѐ мачи. Зашто општество што се грижи за менталното здравје не е она што еднаш годишно зборува за него. Тоа е општество што создава услови луѓето да живеат, работат, учат и растат без постојано да ја плаќаат цената со сопственото психолошко здравје – велат од Комората.













