Денеска пристигна првата пратка на нови контејнери што ќе бидат распоредени низ главниот град. Вкупниот број на контејнери што се набавени е 3 300 и според договорот треба да бидат испорачани најдоцна до почетокот на ноември.
Информацијата на Фејсбук ја сподели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски кој напиша дека се заменуваат скршените и дотраени контејнери, се зголемува нивниот број и се обезбедува повеќе места за правилно одлагање на отпадот. Тој очекува заедно со новите камиони кои следната недела ќе бидат пуштени во промет, побрзо и поефикасно да се собира сметот.
Според јавно достапните информации, Комунална Хигиена склучила два договори со фирмата „Метал Ват“ за набавка на контејнери. Едниот договор е склучен на 09.07.2026 а вториот на 07.9.2026 -за набавка на 100 метални и 3 300 пластични контејнери.
Вредноста на првиот договор за набавка на 100 метални контејнери за одлагање на отпад од 1,1 м³ , од август оваа година е околу 70 000 евра. Цената за еден контејнер, според податоците во договорот објавен на Бирото за јавни набавки е 36 500 денари (околу 600 евра) без ДДВ, односно за сите 100 контејнери треба да се платат 3 650 000 ден или околу 60 000 евра. Со ДДВ цената на еден контејнер се искачува дополнително за 100 евра и достигнува 700 евра.
Гарантниот рок за овие контејнери е 12 месеци.
Вториот договор склучен во септември се однесува за набавка на 3 300 пластични контејнери за одлагање на отпад од 1,1 м³ . Вкупната вредноста на договорот е 500 илјади евра без ДДВ. Пресметаното ДДВ од 18% е 91 000 евра, со што вкупната сума за набавка на контејнерите изнесува 600 илјади евра, односно еден контејнер чини 180 евра или околу 11 000 денари.
Носителот на испораката, според договорот е должен да ги достави сите контејнери во рок од 60 дена од потпишување на договорот и тоа да се одвива сукцесивно.
Гарантниот рок на пластичните контејнери е 24 месеци од денот на испораката.

Ѓорѓиевски најави дека се набавени и 60 контејнери за селекција на стакло, за да се намали мешаниот отпад.

Тој апелираше да се чува новата опрема и да се почитува комуналниот ред во градот Скопје.

„На градежниот шут и кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив. Со таквото однесување се оштетува опремата, се отежнува собирањето на сметот и се создаваат диви депонии среде нашите населби. За ваквата неодговорност нема да има толеранција“, најави Ѓорѓиевски.