Министерството за здравство информираше дека денеска пристигнал најсовремениот метод на терапија за пациенти заболени со вирусот Ковид 19, моноклоналната „коктел терапија“ со антитела од лековите “CASIRIVIMAB и IMDEVIMAB”, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Според македонските здравствени власти рамковната спогодба со производителот „Hoffman-La Roche, Ltd (Roche)“ – Швајцарија, ја склучија 19 земји членки на ЕУ, нашата држава и Норвешка.
Средствата за оваа набавка се обезбедени преку проектот за итно справување со кризата предизвикана од Ковид-19.
Истовремено, од здравство тврдат дека Македонија, во моментов е едиствената земја на Западен Балкан која го применува овој метод на лекување на пациентите.
“Терапијата се набавува за потребите на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и ќе се аплицира кај не-хоспитализирани пациенти кои се лекуваат од Ковид 19. Со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти” – соопштија од здравство.
Казиривимаб и Имдевимаб (порано познат како REGN-COV2 или REGEN-COV2) е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од „SARS-CoV-2,“ вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид 19.
