Секоја петта преставка во Антикорупциската комисија е од граѓани кои се незадоволни од судска пресуда а истражувањето на Меѓународниот републикански институт ИРИ покажало дека 76 отсто од граѓаните немаат доверба во судството.
За претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, вината за корупција лежи кај медиумите бидејќи начинот на кој известувале ги поттикнувал граѓаните да нудат мито.
За да се врати довербата кај граѓаните потребни се резултати а не зборови е заклучокот од дебатата која ја организираше Антикорупциската комисија ноколу овој проблем.
Поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска смета дека се креира мислење дека сите судии се корумпирани што не одговара на вистинската слика бидејќи станува збор за изолирани случаи.
За Николовска разрешувањата на судиите за несовесно и нестручно работење има елементи на корупција
Ресурсите и финансиската независност на Обвинителството и обвинителите се императив за да се задржи тајноста на истрагата и да се елиминира ризикот од корупција бидејќи на тој начин се исклучува користењето на ресурси од други државни институции.
Праксата која што беше воведена во СЈО, е напуштена а обвинителката Ленче Ристоска наведе и дека отсуството на транспарентност во работата доведува до влијанија и притисоци.
Учесниците во дебатата потенцираа дека интегритетот на судиите, а со тоа и заштитата од евентауална корупција, зависи од заштитата која ја нуди системот и државата како и материјалните ресурси.
Огнен Чанчаревиќ
