Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Нема официјална потврда од Софија, Мицкоски без големи очекувања од средбата

/

Македонија

Сподели преку :

Ниту умерен оптимизам, ниту песимизам. Премиерот Мицкоски нема очекувања од најавената средба помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија. Официјална Софија сѐ уште не одговорила на барањето за средба помеѓу Тимчо Муцунски и Велислава Петрова – Чамова. Тие треба да се сретнат во четврток, на маргините на министерска конференција посветена на Коридорот 8. Ова доаѓа на барање на македонската страна, по пораката од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Имајќи ја предвид мојата анализа којашто вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи, еве повторно ќе бидам дипломатски некоректен, имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда. Не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог „pull aside“, ние така го викаме, на коњопој. И тоа отприлика да биде тоа“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Опозицијата ја критикува Владата дека создава услови за неуспех на најавената средба со бугарската страна. СДСМ го впери прстот кон премиерот со обвинувања дека намерно ја разгорува темата Бугарија и ги злоупотребува историските прашања како оправдување за застојот на европскиот пат. Од партијата сметаат дека за историјата треба да разговараат историчарите, а политиките на власта ја оддалечуваат земјата од јасните европски правила и рокови.

„Чудно е навистина да сакате да разговарате со соседот, да го каните на разговор, но однапред да создадете услови тие разговори да пропаднат. Тогаш не знам зошто се чуди премиерот, Владата, целата партија владејачка во ВМРО, зошто нас, за жал, како Македонија, нè нема ниту на европската маса, ниту на европската мапа, ниту во патоказите, ниту во роковите коишто веќе се доделуваат и се пишуваат за ние земји коишто стануваат најсериозни кандидати. Нас веќе нè нема на таа карта“, рече Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Европската комисија денеска треба да претстави патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, како и документ за институционалните и финансиските последици од идното проширување на Европската Унија. Комисијата ќе претстави и документ за влијанието на идното проширување врз политиките, буџетот и европските институции. Предлогот предвидува ЕУ во иднина повеќе да се потпира на гласање со квалификувано мнозинство, наместо на консензус, за да се намалат стравувањата од можни блокади.

Петар Догов

Jumbo 2