Ракот на дојката е тешка и неизвесна битка, во која минуваме низ страв, болка и тешки моменти, со овие зборови онколошките пациенти храбро пред камерите раскажаа како се бореле со канцерот.
Тие побараа од останатите пациенти да не се срамат и плашат од оваа болест туку храбро да се борат.
„Јас започнав со терапија во време на корона. Тогаш можам да кажам дека имаше редовно терапија. Потоа преминав на имунолошка терапија. Направив реконструкција на градата. Во меѓувреме имав редовни прегледи. Се беше по насоки на онкологот. Кај мене се повтори канцерот во 2024 година и можам да кажам дека тоа ме направи уште посилна“
„Би им препорачала на сите девојки и повозрасни жени да прават самопрегледи барем еднаш месечно за време на туширање затоа што самото тело дава знаци. Самопрегледот може да спаси живот“
Потребни се редовни скрининзи и самопрегледи за ракот на дојката да се открие навреме, пред болеста да напредува, велат од здружението ХЕМА-ОНКО. Тие објаснуваат дека колку порано се открие ракот, толку се поголеми шансите за успешно лекување.
„Секоја жена со своите раце треба да прави самопрегледи. Бидејќи сите најдобро си го познаваат своето тело и може да забележат промени. Доколку ова се открие навреме ќе може да се најде и термини и терапија. Ова е важно затоа што за 99% шансите за преживување се поголеми доколку ракот се открие во раните стадиуми“ – вели Ана Марјановиќ од Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели.
Онколошките пациенти во изминатиот период најчесто се жалеа на нередовна терапија, долго чекање за прегледи и низок опфат со мамографски скрининг.
Во моментов во Македонија со карцином на дојка живеат околу седум илјади пациенти, а секоја година се дијагностицираат околу илјада нови случаи.
Тамара Марковска













