Во Босна и Херцеговина денеска се одржуваат Општите избори на кои граѓаните ќе избираат претставници на шест нивоа на власт. Избирачките места се отворени од 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.
Право на глас имаат вкупно 3.408.517 избирачи, според податоците од Централниот избирачки список заклучно со 20 август 2026 година.
Надвор од БиХ регистрирани се 48.078 гласачи. Од нив, 45.457 се пријавиле за гласање по пошта, додека 2.621 гласач ќе го оствари своето право на глас во дипломатско-конзуларните претставништва на БиХ.
На изборите се избираат вкупно 518 носители на мандати, меѓу 7.028 потврдени кандидати.
Граѓаните гласаат за составот на Претседателството на БиХ, Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ, претседателот и потпретседателите на Република Српска, Народното собрание на Република Српска, како и за кантоналните собранија во Федерацијата БиХ.
За гласањето се обезбедени 5.569 избирачки места, од кои 5.121 се редовни, а 385 се мобилни тимови. Гласањето е организирано и во 20 дипломатско-конзуларни претставништва на БиХ во 13 држави.
Овие избори се први во БиХ на кои се применуваат биометриска идентификација на гласачите и скенери за гласачките ливчиња. Новите технологии треба да овозможат и побрз пренос на изборните резултати.
За да гласаат, избирачите треба да приложат важечки идентификациски документ – лична карта, возачка дозвола или пасош. Тајноста на гласањето е загарантирана.
По затворањето на избирачките места во 19 часот ќе започне пребројувањето на гласачките ливчиња. Благодарение на новите изборни технологии, првичните резултати се очекува да бидат достапни и пренесени побрзо од претходните изборни циклуси.












