Студентски оброк од 200 денари, субвенционирање на меѓуградскиот превоз и подобри услови во студентските домови – ова се дел од најчестите барања на студентите. Од платформата „Студентарија“ очекуваат Министерството за образование и наука да ги разгледа и прифати нивните барања.
„Студентските организации веќе побараа покачување на студентскиот оброк од 140 на 200 денари. Ние побаравме и да се направи одреден договор помеѓу Министерството за образование и Министерството за транспорт со кое ќе се направи попуст за меѓуградски превоз“ – вели Александар Николовски од платформата „Студентарија“
Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ велат дека студентските проблеми се сериозна тема и дека надлежните институции треба посериозно и побрзо да ги разгледаат и да понудат решенија.
Тие ги повикаа и студентските служби повнимателно да ги извршуваат своите работни задачи бидејќи поради нив голем дел од студентите останале без оброк.
„И оваа година го имаме истиот проблем како изминатите. Многу студенти беа одбиени за студентски субвенциониран оброк затоа што студентските служби на факултетите навремено не го испратиле списокот на редовни студенти до Министерството за образование“ – вели Ангела Василевска, претседателка на универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Министерката за образование пак кажа дека е запознаена со студентските проблеми и ќе разгледаат што може да се направи.
„Пресметката сега кажува дека според стапката на инфлација студентскиот оброк треба да се зголеми само за седум денари. Значи тој би бил 147 денари. Иницијативата за зголемување на сумата е стигната до МОН. Ние веќе почнавме да размислуваме за промена на методологијата“ – изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Од Универзитетското студентско собрание пак најавија дека кон крајот на месецот ќе биде пуштена апликација за студенти, на која полесно ќе можат да најдат пракса или вработување.
Тамара Марковска













