Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Изложбата „ Корпореалност“ на Жарко Башески се отвора во Музејот на современа уметност- Белград

/

Култура

Сподели преку :

Нашиот истакнат скулптор, професор и дописен член на МАНУ, Жарко Башески, попладне (18 часот) ќе го претстави творештвото пред белградската публика. Неговата самостојна изложба, насловена „ Корпореалност“ ќе биде отворена во престижниот Музеј на современа уметност во Белград.

  • Концепцијата на самостојната изложба на Жарко Башески , еден од најистакнатите современи уметници од Македонија, се заснова на проблемски обликуваниот избор на скулптури, низ кои што телото се согледува како примарен регистар на психолошкото, општественото и егзистенцијалното искуство на современиот човек. Изложените творби не градат наратив за поединечна криза , ниту му припаѓаат на мигот на акутен слом, туку ја артикулираат континуираната состојба на притисок како општ модус на постоењето, се вели за изложбата на Башески на веб страницата на МСУ- Белград

За изложбата на Башески деновиве владее голем интерес во Белград. Тој гостуваше на РТС во „ Културниот дневник“, каде што кажа дека неговите хиперреалистични скулптури се одраз на интересот за психологијата на човечкото битие, што го окупира неговиот интерес од почетокот на кариерата до денес и нагласи дека може да работи бескрајно на оваа тема. А, постановката во МСУ-Белград ја опиша како збир од дела од циклус на кој што е посветен последниве 15 години.

  • „ Корпореалност“ е тој момент во кој што јас го ставам во малку поширока функција човечкото битие. Нешто како во корпоративност, нешто како во човечката психологија. Не само како физикус, туку како психологија. Во тој правец навлегов подлабоко и сега мислам дека од таму не можам да излезам. Го земам (како инспирација м.з.) обичниот современ човек кој е околу нас, кој живее во денешно време , но претставува историски архетип на човек. Во таа смисла , јас допирам некои аспекти како психологија, начин на живеење, размислувања, стравови, психолошки моменти… Барам некои моменти и тоа преку мене. Најмногу работам преку моето чувство и преку моето доживување,  кажа Башески за РТС.

Изложбата на Башески во Белград е резултат на потпишаниот меморандум за соработка меѓу Националната галерија на Македонија и Музејот на современа уметност во Белград. Па, кустоси , ангажирани на „ Корпореалност“, се Злата Вучетиќ од страна на МСУ-Белград и Маја Крстевска од НГМ. Меморандумот за соработка меѓу двете институции подразбира реципрочна соработка. Тоа значи дека следнава 2027 година треба изложба од МСУ- Белград да биде поставена во Националната галерија на Македонија.

Жарко Башески ја претставуваше Македонија на Венециското  биенале на визуелна уметност во 2011 година. Тој е исклучително плоден скулптор, чии дела се наоѓаат во повеќе приватни колекции, дома и во странство. А, изложбата „ Корпореалност “ за посетителите во МСУ- Белград ќе биде отворена до 9 ноември.

Сотир Трајков