Со индекси во раце и полни со очекувања, студентите седнаа во амфитеатрите и ја започнаа новата академска година. На Филозофскиот факултет предавалните беа полни со бруцоши кои ги слушаа првите насоки од професорите – за предавањата, испитите и обврските што ги очекуваат.
„Јас сум прва година на Економски факултет бидејќи сакам со тоа да се занимавам во животот“
„Запишав прва година на Филозофски факултет. Уште од мали нозе имам амбиција за ова и мислам дека ќе успеам во целта. Барем говорите кои ги слушнав предмалку ми дадоа таква надеж“
„Јас се запишав на економски факултет. На сите студенти им порачувам да немаат страв. Од оваа година очекувам поголеми дружби“
Деканот на Филозофскиот факултет вели дека годинава се запишани околу 400 студенти, бројка слична како минатите години. На бруцошите им посака успешни студентски денови, но им порача дека до диплома се стигнува со труд и учење.
„Овој студентски живот треба да биде еден од најубавите бидејќи целокупните обврски кои се поврзуваат со нивното студирање им припаѓаат на нивните родители, а од нив се бара само да учат. Најмалку што можат да направат е со учење да им вратат. Тоа ќе биде најголемиот подарок за нив“, Оливер Бакрески, декан на Филозофски факултет.
На свеченоста на платото на УКИМ, честитки до новата генерација студенти упати и ректорката на УКИМ.
Годинава на УКИМ има 8.851 бруцош, а на универзитетот студираат повеќе од 26 илјади студенти.
Тамара Марковска













