Во изминатите пет и пол години, системот „Мој термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, односно 37,9 отсто од времето, покажува ревизорскиот извештај, кој имал за цел да утврди дали овој систем придонел за оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствените услуги. Договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, но без континуитет.
Од почетокот на 2021 година до крајот на април годинава, за одржување „Мој термин“ и поврзаните системи во јавните здравствени установи биле потрошени 5,4 милиони евра, но над 90 отсто од овие пари биле потрошени за другите системи. Не се воспоставени целосни системи, а здравствените установи не ги внесуваат податоците во системот што го прави понеефикасен.
Поради невоспоставени електронски системи, медицинските апарати не се користат во целост. Само на 10 отсто од пациентите во ГОБ „8 Септември“ им биле испратени СМС пораки со потсетување за терминот. Оваа болница, иако една од најоптоварените во земјава, не ги евидентира во системот направените операции.
Не вршат работа ни листите за чекање за операција.
„Иако е промовирана функцијата за транспарентност на листите за чекање за оперативни зафати, истата не ја одразува реалната состојба, поради недостиг на клучни податоци поврзани со датум на упатот и вкупниот број на закажани операции од страна на лекарот“, наведуваат ревизорите.
Во некои здравствени установи немало листи за закажани прегледи, што создава ризик тие со приоритетен упат побрзо да завршат работа од оние со редовно закажан термин.
Срѓан Стојанчов













