Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Филипче: Нека се тргнат или ќе ги згазам како шлепер жаба

/

Македонија

Сподели преку :

Филипче со исклучително остар речник се пресмета со сопартијците од т.н. „Платформа 12.05“ кои јавно го критикуваат актуелното раководство на СДСМ и бараат промени во партијата. Спомнувајќи ги поединечно, отвори дилема и за нивните мотиви при дејствувањето, порачувајќи им да се вклучат во партиската работа или да му се „тргнат од патот“. Затоа што, во спротивно, ќе им се случи, ја употреби познатата реченица на Бранко Црвенковски.

„Луѓето кои што очигледно молчеле, кога Бујар Османи го образложувал Францускиот предлог. Андреј Петров бил член на Извршниот одбор на партијата, што не кажал нешто тогаш за Европа? Андреј Петров, кој што е потписник на петиција за човек од црна листа да излегува од притвор. Игор Ивановски, кој што беше член на кој знае колку управни одбори, 10-тина илјади евра имаше месечен приход и телефон на никој не дигаше, сега ќе кажува што требало да се прави со партијата? – За пратеничката Славјанка Петровска се прашувам што е причина за ова. Да не е изјавата на Мисајловски дека потпишала за 37 милиони евра поскап договор за хеликоптери, од кога Комисијата донела друга одлука? – Да не излезе дека Дејвид Гета може вода да ѝ носи? Еве сега ќе има избори во Брвеница, нека се приклучат, нека помогнат или нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги згазам како шлепер жаба“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Филипче ги обвини поранешните партиски функционери дека токму тие придонеле за тешката состојба на партијата, велејќи дека за малку ќе ја погребале, а сега актуелното раководство со напор се обидува да ја консолидира. Тој го отфрли и најавениот план што Платформата го нуди за промени во СДСМ. Тие, пак, му порачаа да не се срами на јавна сцена, бидејќи „сè повеќе личи на лоша копија на неговиот политички гуру и идол“.

„Венко Филипче се повеќе личи на неговиот поранешен работодавец, Никола Груевски. Сиот личен бес го истура врз оние кои мислат поинаку од него. Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ. Да го трошеше истото време за вистинска борба против Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, партијата и членството немаше да биде во ваква незавидна состојба“, велат од „Платформа 12.05“.

Пред да обвинува за криминал и корупција, бараат да објасни „како обвинителот, кој тој лично го обвини дека е предложен и избран од власта, токму него го ослободи од обвинение, како поранешен министер за здравство, за пожар во модуларна болница каде изгореа 14 луѓе?

На последниот состанок на Платформата, гостуваше и пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, а реакциите во јавноста беа поделени: едни го нарекоа состанок на бранковисти и марксисти, други почеток на граѓански фронт.

Далиборка Демјанска Цветановска

Jumbo 2