Речиси се испразни Инфективното одделение во битолската болница, каде има само двајца позитивни на КОВИД 19 кои се лекуваат во дневната амбуланта, се во стабилна состојба и нема потреба од хоспитализација.
Но, сега се полнат останатите оддели во болницата со пост КОВИД пациенти, што се должи на последици предизвикани по прележаниот вирус. Најголем притисок има во Психијатриското одделение, каде покрај останатите проблеми, пациентите се соочуваат и со акутна деменција.
-Имаме оптовареносот на другите одделенија, тука е Интерното одделение, потоа Невролошкото одделение каде има пост КОВИД пореметувања, но, исто така има оптовареност на Психијатриското одделение, бидејќи по оваа пандемија очекувано е да се појават фобично-анксиозните состојби, паничните напади и слична патологија, која се јавува како последица на целокупната состојба, но и пост КОВИД состојби од аспект на психотични растројства и акутни дементни состојби, вели др Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.
Директорката Гагачовска, која е инаку специјалист психијатар вели дека ова се очекувани последици од пандемијта.
-Се соочивме со нешто што е непознато. Ние требаше да функционираме со нешто што не ни е по волја. Потоа следуваше периодот на изолации, страв од смртта и постојната оптовареност со бројки и црна хроника која што ни се случуваше. Ова е очекувано и допрва ќе ни се случува, од аспект на психолошки и психички растројства, рече Гагачовска.
Во Битола, бројките на заразени од коронавируост се намалени и има само 5 активни случаи.
Покрај двајцата позитивни во дневната болница, на Инфективното одделние зголемен е притисокот од пациенти кои се хоспитализирани со вообичаени летни инфекции.
Емилија Мисирлиевски