Со ракавици и вреќи, голем број ученици, граѓани, градоначалници, директори на јавни претпријатија и јавни личности денеска го чистеа ѓубрето низ главниот град. Почетната точка на акцијата беше Градскиот парк, а се чистеше на повеќе од сто локации низ Скопје.
Додека тие чистеа, цистерна ја миеше улицата пред Градското собрание.
Телма направи обиколка и забележа дека поголем дел од контејнерите се празни, но околу дел од нив се уште има расфрлан отпад. Во Аеродром, пак, и покрај таблата со забрана за фрлање шут и отпад, на истото место има оставено кабаст отпад.
Граѓаните со поделени ставови – едни велат дека нема промени, други дека градот е почист.
„Јас искрено не забележувам промени“
„Почесто го собираат сметот и сега нема ѓубре како што имаше порано. Еве денеска и самите сте сведоци дека се е чисто. Само некое ѓубре што има околу контејнерите не е собрано, а треба и тоа да се исчисти“
„Ништо посебно не е. Мислам не забележувам некоја видлива промена. Како што беше сметот пред да заминам на одмор исто беше и кога се вратив“
„Во последно време се чисти редовно ѓубрето. Секој ден јас ја следам ситуацијата и до седум и триесет часот секогаш доаѓаат да го соберат сметот“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски рече дека наредната недела на улица ќе има 29 нови камиони за чистење, а најави и нови контејнери. Голем проблем се старите контејнери и возила кои пропуштаат отпадни течности и тие остануваат на асфалтот.
„Во наредниот период ќе биде донесена одлука на совет за четири пати во месецот, односно секоја недела да има бесплатно одлагање на кабаст отпад во Дрисла. Веќе во петок ја очекуваме првата тура од нови 1.100 контејнери, а во наредните две недели ќе стигне испораката на останатите“, рече Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
Се најавува и решение еднаш неделно да се собира кабаст отпад, кој се одложува покрај контејнерите иако е забрането.
Тамара Марковска













