Директорот на Историскиот музеј „Крушево“ Миха Оџаклиески поднесе неотповиклива оставка. Вакавата одлука следи по бројните ракции во јавноста за изнајмувањето на „Македониумот“ во Крушево за 500 евра за снимање на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони. Во оставката Оџаклиески наведува дека одлуката ја носи како личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста. Дозволата за снимање ја дал управниот одбор чии членови исто така поднесоа оставка.
На оставката на Оџаклиески претходеше и ставот на министерот за култура Седат Сулејмани кој рече дека нема детални информации, но уверен е дека треба да се реагира во насока на одредени законски измени за истото да не се случува и во иднина.
-Јас како министер за култура и туризам и ние како министерство надлежни сме да ги браниме сите артисти и сите културни работници. Да, имаме пред себе еден случај кој навистина е чувствителен, но за тоа ќе треба да видиме со правните служби како можеме понатаму. Да видиме ако треба некоја законска измена да правиме, бидејќи законски вие кажавте имаат право да изнајмуваат објекти, но кога изнајмуваат објекти треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина, изјави Седат Сулејмани, министер за култура и туризам
За разлика од министерот за култура премиерот Мицкоски реагираше категорично, повикувајќи го Сулејмани веднаш да ги разреши директорот и членовите на Управниот одбор на Историскиот музеј „Крушево“.
-Бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани, користени за такви намени. Јас им се извинувам на граѓаните поради тоа што тоа тој пропуст е направен и се случил. И ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори, вели Христијан Мицкоски, претседател на Влада на Р.С Македонија.
За снимањето на овој спот во „Македониумот“, симболот на македонската борба за слобода и еден од најпознатите македонски објекти во светот, не е побарано ниту дозвола од Управата за заштита на културното наследство, потврди директорката Весела Честоева. Според Честоева, барањето може да биде одбиено доколку Управата оцени дека станува збор за настан или содржина што не е културна манифестација.
Нина Стефанова













