Спортска сала „Џексон“ од 2,3 милиони евра: Лимитот од 20 % за дополнителни работи е надминат повеќекратно со нов тендер, Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.3).
Според ЦГК првиот договор, за изградба на објектот, изнесуваше околу 1,1 милион евра. Договорот предвидуваше дека дополнителните и непредвидените работи не смеат да надминат 20 % од неговата вредност, односно околу 220.000 евра. Во текот на градбата, проектот беше изменет. Наместо анекс кон постојниот договор, Општината објави нов тендер насловен „Дополнителни и непредвидени работи за објектот“, врз основа на кој е склучен нов договор во вредност од околу 1,25 милиони евра со ДДВ, што е дури поголем и од првиот основен договор.
- Клучно е што вториот тендер не се однесуваше на нова, одвоена градба или на независен проект, туку на „дополнителни и непредвидени работи“ на објектот што веќе се градеше. Со самиот предмет на набавката наведен од Општина Штип, очигледно е дека станува збор за продолжување и дополнување на веќе започнатите градежни работи. Член 119 од Законот за јавни набавки е дециден дека вредноста на непредвидените и дополнителните работи не смее да надмине 20 % од основниот договор, објави ЦГК.
Според анализата тоа што тендерот бил спроведен преку отворена постапка овозможи само формална транспарентност.
- Тендерската документација не содржеше доволно прецизно разграничување меѓу веќе изведените и новопредвидените работи. Во моментот на спроведување на вториот тендер, првиот договор сè уште не беше завршен. Документацијата не беше надополнета со јасно означување на веќе изведените позиции, состојба на градилиштето, рокови, начин на воведување во работата, одговорност за веќе изведените и за новите работи, разграничување на гаранциите помеѓу стариот и новиот изведувач, прашања поврзани со пристапот на градилиштето, технички поврзувања со постојната градба итн, објави ЦГК.
Очекувано, на вториот тендер понуда достави само една фирма – „Сандра Инженеринг“ Скопје, истата што тековно веќе ја градеше салата. Од септември 2025 до јули 2026 година, истата фирма паралелно изведуваше два договори на ист објект, под ист надзор.













