Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2-0 на гостувањето кај Словенија во рамките на второто коло од групата 1 во Б-дивизијата на Лигата на нациите. Македонија веќе шест натпревари по ред нема постигнато гол, а серијата без победа трае десет натпревари.
Селекторот Гоце Седлоски направи дури осум измени во почетниот состав во однос на натпреварот со Швајцарија, кој Македонија го загуби со 0-3 во Скопје. Ниту овие промени не го донесоа посакуваниот резултат, иако по првото полувреме беше 0-0.
Словенија притисна во вториот дел и поведе со 1-0 со голот на Санди Ловриќ во 55. минута. Нашиот тим заигра поофанзивно во финишот, но домашните го казнија тоа со противнапад, по кој Алјоша Матко ги постави конечните 2-0 во 82. минута.
Македонија имаше два обида во првото полувреме преку Агон Елези, а најдобрата шанса за гол ја имаше Христијан Малески во самиот финиш, но Јан Облак успеа да го одбрани неговиот удар.
По две кола, нашиот тим е последен во групата 1, без бодови и без постигнат гол. Швајцарија, пак, има максимални шест бода, откако вечерва ја победи и Шкотска со 3-0 на гостински терен.
Во рамките на третото коло, Македонија во сабота ја пречекува Шкотска во Скопје, а три дена подоцна гостува кај Швајцарија.
ФОТО: Фудбалска федерација на Македонија












