За премиерот е нелогично Македонија да биде изоставена од новиот план на ЕУ. Тврди дека нема информации дека државата ќе остане без новите патокази, како што пишуваше вчера „Политико„ и најави разговори со Урсула фон дер Лајен за проширувањето и односите со Бугарија, при нејзината посета во петок. Според информациите на медиум, Европската комисија подготвува нов план со конкретни временски рамки и датуми за завршување на преговорите кој се однесува само на четири земји: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.
-Не би сакал да коментирам информација на медиум. Имајќи предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и од Планот за раст веќе во два извештајни периода и ако пристапувањето во ЕУ е процес кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е, а моите информации велат дека не е така, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Премиерот рече дека индикатор за политиката што ја гради државата му се работите што се случуваат во регионот, во ЕУ и во светот : неуспешниот референдум во Исланд за рестартирање на преговорите, победите на политички структури во германски покраини кои се антимигрантски настроени и против проширувањето, како и претседателските избори во Франција напролет ,на кои очекува да победи десничарката Марин ле Пен. На прашањето дали со Фон дер Лајен ќе се отвори темата за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, рече дека би било добро да има и претставници од Европската комисија за аргументите да бидат слушнати објективно, затоа што сега брифирањето од средбите е пристрасно.
Опозицијата и во ова барање гледа неискреност.
-Сето ова што го изјавува, дека е потребен некаков претставник е лага. Едноставно, човекот нема намера да го продолжи европскиот план на земјата. Фон Дер Лајен во 2022 година даде конкретен предлог, но тогаш од ВМРО ДПМНЕ ја исвиркаа со вувуземи. Јасен е патот напред, ако оваа шанса не се искористи, којзнае кога ќе имаме втора шанса, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од владата остануваат на своите ставови околу критериумите за членство. И денеска, вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, кој учествуваше на Конференцијата за Западен Балкан во Виена, побара праведен и предвидлив процес на проширување, како и оценување според објективни европски критериуми и постигнатиот напредок на земјите кандидати.
Далиборка Демјанска Цветановска













