Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Софија ја затвора вратата за промена на условите, Скопје бара гаранции од Брисел

/

Македонија

Сподели преку :

Од Бугарија стигнува порака дека вратата за дијалог со Македонија останува отворена, но условите не се менуваат. Официјална Софија со непроменета реторика – очекуваат земјава да ги исполни преземените обврски.

Оваа порака од бугарското МНР доаѓа откако министерот Муцунски побара поголемо присуство на ЕУ во дијалогот со соседот. Шефот на македонската дипломатија побара Унијата да биде дел од сите идни разговори со Софија, со што дополнително го зацврстува ставот на Владата дека земјата нема да прифати решение што не обезбедува предвидливост во процесот.

Од Бугарија велат дека ја поддржуваат работата на Европската комисија во процесот на преговори со сите земји-кандидатки, како и оценувањето на нивниот напредок и постигнатите резултати.

  • „Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е европско прашање кое треба да се решава во рамките на европските институции и во согласност со утврдените правила и процедури. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски пат“, велат од МНР на Р. Бугарија. 

Во услови на неизвесност околу динамиката на процесот на проширување, причините за отсуството на посилна европска поддршка треба да се бараат и во поширокиот пристап на Европската унија кон Западен Балкан и Источна Европа.

Според универзитетскиот професор д-р Александар Спасов, во моментов во ЕУ нема јасен политички консензус за иднината на процесот на проширување.

  • „Зошто ја нема поддршката од Европа? Не затоа што Европа не ги сака земјите од Западен Балкан или не ја сака Северна Македонија, ниту пак затоа што некој има нешто длабоко против нас. Причината е што Европската унија, односно главните европски земји, убеден сум дека во моментов не знаат што сакаат во однос на Западен Балкан, како и на Источна Европа, Украина и Молдавија. Додека Европа повторно не се пронајде себеси, тешко дека можеме да зборуваме за постигнување политички консензус за проширувањето на ЕУ“, вели д-р Александар Спасов, универзитетски професор. 

Од опозицијата предупредуваат дека состојбата со реформите може да влијае врз евроинтегративниот пат на земјава. На средбата со француски сенатори, претседателот на СДСМ, Филипче, изрази сериозна загриженост посочувајќи дека забелешките за работата на Владата веќе се нотирани и во извештаите на Европската комисија, особено во делот на владеењето на правото и правосудството.

  • „Ако оваа Влада обезбеди подобри услови во преговорите или гаранции дека во иднина нема повторно да бидеме блокирани на евроинтегративниот пат, ние тоа ќе го поддржиме. Но, се поставува прашањето – што доколку нема и не се обезбедат гаранции?! И до кога ќе се обидуваат да се обезбедат некакви гаранции затоа што времето поминува“, кажа Венко Филипче, претседател на СДСМ. 

Филипче и претходно ја обвини власта за изолација и оддалечување од ЕУ. А, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата и возвраќаат со критики до СДСМ и Филипче.

  • „СДС и Венко Филипче продолжуваат со лажната грижа за граѓаните. Лицемерието на Филипче и СДС оди до таму што велат дека бил загрозен македонскиот идентитет и дека Македонија била во изолација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Во меѓувреме, во ЕУ се разгледува нов модел на проширување со постепена интеграција и конкретни придобивки пред полноправното членство. Француско-германскиот нон-пејпер е една од иницијативите, а група земји-членки на Унијата инсистираат земјите кои пристапуваат да не бидат третирани како членки од втор ред.

Петар Догов

Jumbo 2