Проблемот со јавниот превоз и преполните контејнери не се најдоа како точки на дневен ред на седницата на Заедница на единиците на локална самоуправа. Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски вели дека тече рокот за испорака на првите автобуси кои би требало да стигнат до крајот на годината и со тоа да се намалат гужвите во сегашните стари и дотраени автобуси. Исто така, најави и дека идната недела ќе ги преземат новите контејнери и камиони, со што би се намалил сметот низ главниот град.
„Во наредната недела ни стигнува првата тура на нови контејнери, а притоа обезбедивме и две претоварни станици и уште три камиони кои сами ги обезбедивме преку Град Скопје“, рече Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС
Иако не беше ставена како главна точка, на денешната станица се спомена и проблемот со стаорците кој изминативе денови одекна на социјалните мрежи откако граѓани од повеќе места се жалеа дека гледаат мртви и живи глодари низ улиците.
„За тој проблем јас веќе испратив и допис до општините за секоја од нив да ја изврши својата должност и да извршат дератизација. Секако дека уште еднаш на состанокот ќе споменам“, рече Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС
На денешната седница на која се собраа сите градоначалници се зборуваше за проблемите од источниот регион како овча сипаница, за подобрување на условите во градинките, како и нов унифициран правилник за урбана опрема кој би важел во цела држава.
Тамара Марковска













