Во тек е координирана полициско-царинска акција „Филтер 2“ насочена кон откривање и разбивање организиран систем за шверц на цигари и избегнување плаќање царински давачки.
Во акцијата се опфатени шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, како и полициски и царински службеници.
Утрово се приведени 13 лица, а претреси се вршат на повеќе од 20 локации во Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.
Во досегашната истрага се откриени повеќе случаи на шверц на големи количини цигари, со избегнати давачки од неколку милиони евра.
Акцијата ја спроведуваат Царинската управа и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР-Бирото за јавна безбедност, под раководство на јавен обвинител од надлежното специјализирано одделение.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција велат дека постои основано сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење и царинска измама.













