Нелегална плантажа на канабис е откриена во струмичко, а одземени се 680 килограми стебла, при што уапсени се две лица од Ново Село на 34 и 30 годишна возраст. Според МВР, уапсените во сокриен дел од парцела на место викано „Матник“ во атарот на село Секирник, струмичко, ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале стебла канабис.
„Во службен разговор тие признале дека, откако обезбедиле семе од растението канабис, ја обработиле почвата и направиле нелегална „плантажа“ на која во мај 2026 година ги засадиле семињата и ги одгледувале растенијата со цел производство на марихуана. Од пријавените се одземени повеќе стебла со различна висина и вкупна тежина од околу 680 килограми.“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски им се заблагодари на полициските службеници од Струмица кои неколку дена спиеле на нива за да ги фатат одгледувачите и акцијата е доказ дека МВР и бирото за јавна безбедност е посветено на разоткривање и соодветно процесуирање на вакви кривични дела, соопштија од МВР.
„Дрогата е детектирана и обезбедена, а луѓето кои што биле директно вклучени во рамки на процесот на производство и пуштање во промет на истата се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Доколку вакви постапки во текот на годините што повеќе биле спроведувани немаше да бидеме до ова дереџе“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Уапсените се гонат за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.
Марија Митевска













