Иако закажани во ист ден рочишта на три предмети отворени од згаснатото СЈО „Талир“, „Тендери“ и „Титаник“, не се одржаа и сите беа одложени.
Првин вчера попладне основниот кривичен суд извести дека поради судницата го одлага рочиштето на предметот „Титаник“, а во истата судница го закажа рочиштето со завршните зборови на предметот „Тендери“.
На „Тендери“ обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска и уште две службенички од министерството. Но, на завршните зборови на обвинителството, третообвинетата не се појави. Нејзиниот адвокат извести дека обвинетата имала здравствени проблеми.
-Има висока температура, дијареја и повраќање и има терапија во лекарства. Не знам кога ќе и биде подобро, извести Сашко Дуковски адвокатот на обвинетата.
Немаше друга можност освен да се одложи судењето, првин привремено за на 15-ти јули иако никој не може да претпостави каква ќе биде здравствената состојба на обвинетата. Доколку не се подобри, тогаш завршните зборови ќе се префрлат за после судската ферија односно за септември.
Одлагањето го слушаше и адвокатот Еленко Миланов кој е во одбраната на поранешната министерка. Тој вчера попладне го известил судот дека е адвокат и на обвинет во случајот „Талир“ поради што барал и добил одолжување и на овој судски процес. Но уште вчера попладне се знаело дека нема да има судење за Тендери поради дијарејата на обвинет.
Адвокатот Дуковски пред судот („Тендери“) изјави дека неговата клиентка била многу болна и вчера цел ден не можела да „стане од кревет“ со што уште тогаш било јасно дека не може да дојде во суд кој веќе направи рокади и одлагање на други предмети.
Миланов кој за денеска имал две рочишта на два различни предмети не кажа дали знаел за проблемите со клиентот на својот колега Дуковски, но го одложил „Талир“, а потоа беше одложено и рочиштето за „Тендери“. Адвокатот Еленко Миланов наместо на две различни судења поради неколку правни трикови не бранеше на ниту едно рочиште затоа што и двата беа одложени.
Инаку Дуковски по одложеното рочиште замина на третиот кат на скопскиот кривичен суд и да го фати рочиштето за „Меѓународен сојуз“ каде го застапува Бојан Јовановски. Предметот „Меѓународен сојуз“ е предмет на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и не е од портфолиото на СЈО.
Со одложувањето се одолжуваат и судските процеси кои сега најверојатно ќе се префрлат за после одморите и судската ферија односно за септември.
Досега никој не ги анализира ваквите постапки во судските процеси и на рочиштата (главно се случуваат на предмети на СЈО) за да се утврди дали станува збор за законски предвидени постапки за одлагање или пак станува збор за заткулисни игри кои носат постојани одлагања со што се отвора можност, тие предмети да застарат без да завршат судските процеси почнати во 2017-та или во 2018-та година.
Миомир Серафиновиќ
