Опозицијата е скептична за влезот на Македонија во ЕУ по говорот на претседателката на Европската комисија завчера, во кој државата не беше спомната во клубот на државите кои ќе добијат нови патокази, како и по вчерашната изјава на Марта Кос, дека обврската за уставни измени мора да се исполни. Претседателот на СДСМ вели дека Македонија повеќе не е меѓу државите кои ќе одат напред, а за тоа ја обвинува актуелната влада, поради која, вели, е намалена и воената помош од САД.
- Тие четири земји vo grupata се Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Не сме таму. Јасно и гласно ни кажуваат дека поради оваа власт ние сме во групата со Косово и Босна и Херцеговина. Ние сме слепото црево во регионот. Мицкоски раскажува бајки и лаги, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
За Левица, пак, настапот на Унијата е нејасен.
- Во изминатите 4-5 години, секојдневно се појавуваат нови можности за Украина, Молдавија, а сега и Канада, додека држава која 20 години израсна цели генерации со мисла за влез во ЕУ, одамна не се чувствува како еднаков партнер во разговорите, рече Амар Мециновиќ, пратеник од Левица
Заменик министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски, кој денеска учествуваше на форум во Софија, рече дека очекува дијалогот со Бугарија да продолжи и во наредниот период, за да се надминат отворените прашања. Публиката во салата ја поздрави на бугарски јазик.
- Сакам да ги поздравам присутните на бугарски јазик кој ги владеам. Можам да зборувам и на мојот мајчин македонски јазик, но важно е да се разбереме и важно е што ќе кажам.Иднината на земјата ја гледаме во Европската Унија. Вклучувањето на Бугарите во Уставот не претставува проблем, што го потврдува и Акцискиот план за малцинствата, кој се однесува на сите етнички заедници во земјата, вклучително и на бугарската заедница. Но, истовремено е потребно заемно почитување на европските стандарди, вклучително и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, рече Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи.
Вчера и премиерот Мицкоски од САД најави дека ќе се продолжи со разговорите со европските партнери и со САД
- Македонија останува целосно посветена на членството во Европската Унија, но процесот треба да биде заснован на реформи и заслуги, наместо на постојано отворање нови билатерални прашања, рече Христијан Мицкоски, премиер.
Пред Атланскиот совет во Вашингтон Мицкоски рече дека не очекува изолација, туку геостратешко позиционирање на државата во регионот.
Далиборка Демјанска
Б.С.













