Општина Карпош воведува беспилотни летала во инспекцискиот надзор, со цел побрзо и поефикасно следење на состојбите на терен.
Четворица вработени во општинската администрација – градежните инспектори Душко Андонов и Жарко Радически, Јованче Цветановски од Одделението за екологија и енергетска ефикасност и камерманот Саше Трајковски – завршиле обука и добиле сертификати за управување со беспилотни летала.

Дронот веќе е ставен во употреба во Секторот Инспекторат. Од Општината велат дека технологијата ќе овозможи полесен пристап до тешко достапни локации, подобра визуелна документација и попрецизен увид при инспекциските постапки.
Беспилотното летало ќе го користат инспекторите на кои им е потребен ваков вид теренски надзор, а во иднина неговата примена може да биде проширена и во други сектори.
Од Општина Карпош оценуваат дека со воведувањето на дроновите се отвора можност за помодерен начин на следење на урбанистичките состојби, инфраструктурата, јавните површини и животната средина.













