Вработена во МВР која во 2021 година била отпуштена поради злоуотреба при издавање на лични документи, па со судска одлука во 2025 година вратена на работното место, сега е повторно уапсена под сомнение за злоупотреби при издавање возачки дозволи. Против неа и уште 26 лица Основното јавно обвинителство Скопје води истрага за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.
„Една од осомничените е вработена во МВР – Одделение за управни работи Скопје, која се сомничи дека во периодот од 03.09.2020 до 24.08.2026 година, користејќи ја својата службена шифра и службените овластувања во електронскиот систем, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи од други вработени, а во одредени случаи ги отфрлала веќе оформените барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. По извршените измени, барањата биле одобрувани и биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина“, информираат од ОЈО – Скопје.
Од МВР наведуваат дека истата вработена, претходно, во периодот од февруари 2021 до април 2021 година, била отстрането од работното место, а потоа и отпуштена, поради кривична пријава за злоупотреби во постапките за издавање лични документи, но во јануари 2025 година судот ја вратил на работното место во Одделението за управни работи во Скопје.
Внатрешната контрола на МВР при истрагата утврдила дека со незаконски внесени категории биле издадени возачки дозволи на 21 лице, додека во еден случај возачката дозвола била во процедура на издавање. Во три случаи пак претходно креирани барања за издавање возачки дозволи биле отфрлени, по што биле направени нови барања во кои биле внесени категории за кои не биле исполнети законските услови.
„Во текот на истрагата е утврдено дека четири лица постапувале како посредници, при што во договор и содејство со вработената во МВР посредувале за незаконско издавање на возачки дозволи. Истите пронаоѓале заинтересирани лица, и поврзувале со службеното лице и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите во електронскиот систем и нивно издавање“, се наведува во соопштението од МВР.
Шест од 27 осомничени се товарат за кривичното дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, со оглед дека со фалсификуваните возачки дозволи ја поминувале државната граница, а две од нив ги употребиле и за добивање сертификати за професионални возачи во меѓународен превоз на патници и стоки кои ги издава Министерството за транспорт и врски.
По откривањето на злоупотребата, МВР од Министерството за транспорт побарало вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и за преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.
За вработената во МВР, како и за две лица кои повеќепати ги употребувале лажните дозволи за да управуваат возила во меѓународен превоз на патници и стоки, обвинителството побарало мерка притвор, за 17 лица се бара определување мерка за претпазливост, додека седум лица не се недостапни на истрагата.
Тамара Грнчароска













