Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 27 лица осомничени за соизвршителство во кривичното дело „Фалсификување исправа“ во врска со незаконско издавање возачки дозволи.
Меѓу осомничените е и вработена во МВР, која, според Обвинителството, со користење на службената шифра и овластувањата незаконски менувала и креирала барања во електронскиот систем, внесувајќи категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.
Четворица осомничени, според досегашните наоди, дејствувале како посредници и ги поврзувале заинтересираните лица со службеничката во МВР. На лицата кои ги добиле дозволите без исполнување на законските услови им се става на товар дека ги употребувале лажните исправи како вистински.
За вработената во МВР и за две лица кои повеќепати ги користеле дозволите при меѓународен превоз, Обвинителството побара притвор.
За 17 лица се предложени мерки на претпазливост, додека седуммина се недостапни за органите на прогонот.
Истрагата продолжува, при што Обвинителството проверува можна вмешаност на други вработени во МВР, посредници и корисници на фалсификуваните документи, како и евентуални други злоупотреби при издавањето и користењето на возачките дозволи.













