Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Костур“, приказни од другата страна на езерото

/

Македонија

Сподели преку :

Ова е Костур. На прв поглед мирен град покрај езерото, далеку од вревата на големите туристички центри. Но, доволно е да направите неколку чекори низ неговите калдрмисани улички за да почувствувате дека зад секој агол се крие дел од една богата историја. Камбаните од старите византиски цркви, традиционалните куќи и мирната езерска панорама му даваат на Костур посебен ритам – ритам што не брза и не се менува лесно.

Таков град е тоа. Стар, стамен и достоен во својата длабока исотрија во која се испреплетуваат мноштво приказни, судбини, култури.

Се наоѓа на само неколку часа возење од Македонија, сместен на полуостров што длабоко навлегува во Костурското Езеро, овој град изгледа како внимателно да ја сочувал својата тишина. Првото нешто што го забележува секој посетител не се знаменитостите, туку мирот. Мирот на езерото, камените куќи, тесните калдрмисани улички и чувството дека времето овде тече со поинакво темпо.

Таквата енергија на градот ви пренесува и вам поинакво темпо. Ве тера да подзастанете, да ги разгледувате уличките, да им се восхитувате на куќичките и на сето она што времето успеало да го засведочи. А, темпото да бидеме искрени, го диктираат и стрмните улици кои брзо ве заморуваат.

„Ваквите тесни и камени улички се вообичаени за стариот дел од Костур, каде што има архитектура којашто неодоливо потсетува на охридската.“

И навистина, додека чекорите низ старото градско јадро, лесно е за миг да помислите дека сте некаде во старите маала на Охрид. Камени фасади, дрвени чардаци, високи порти и тесни сокаци што ненадејно излегуваат на мали плоштади.

Но, Костур има своја приказна.

Градот со векови бил важна станица на Балканот. Низ него поминувале византиски цареви, трговци, војски и патници. Во средниот век бил едно од најзначајните духовни средишта во регионот, а тоа најдобро се гледа по бројот на храмови што и денес се сочувани.

Речиси секоја улица води до некоја стара византиска црква.

„Костур е преполн со византиски цркви кои се наоѓаат буквално на секој чекор од градот. Но, поголемиот дел можете да ги видите единствено ако зумирате со вашиот телефон или камера, затоа што голем дел од нив се затворени.“

Историчарите велат дека во различни периоди во Костур имало повеќе од седумдесет цркви. Денес дел од нив се обновени, дел чекаат реставрација, а дел остануваат затворени за посетители. Но, и кога не можете да влезете внатре, нивните камени ѕидови сведочат за богатото минато на градот.

Костур не е музеј под отворено небо. Тој е жив град во кој секојдневието продолжува покрај историјата. Во кафулињата покрај езерото седат локалци и туристи, рибарите ги подготвуваат чамците, а велосипедистите ја користат долгата патека што го следи брегот.

Сè овде е поврзано со езерото.

Костурското Езеро е старо повеќе од два милиони години и претставува едно од најстарите природни езера на Балканот. Со површина од околу триесет квадратни километри, тоа е дом на десетици видови риби и птици, а неговите мирни води се заштитен екосистем. На изгрејсонце езерото е огледало. На зајдисонце – сцена на која цел град се пресликува во водата. Токму затоа многумина велат дека најубавата разгледница од Костур не е направена од некоја кула или плоштад, туку од брегот на езерото.

По прошетката низ градот, следната станица за секој посетител е местото кое природата го создавалa илјадници години. Недалеку од градот се наоѓа една од највпечатливите природни атракции во овој дел од Грција – пештерата на Змејот. Со километри подземни ходници, езерца и сталактити, оваа пештера е отворена за посетители релативно неодамна, но за кратко време стана една од најпосетените знаменитости во регионот.

Оваа пештера се наоѓа на само два километри од центарот на Костур, покрај самиот брег на Костурското Езеро. Во непосредна близина е на манастирот „Панагија Мавриотиса“. Оваа Змејска Пештера се смета за една од најинтересните природни знаменитости во северна Грција.

Пештерата е создадена пред околу шест милиони години. И денес е жива, што значи дека природните процеси сè уште траат, а дождовницата што се пробива низ варовничките карпи продолжува полека да создава нови сталактити и сталагмити.

За посетителите е уредена патека долга околу 300 метри, иако вкупната должина на пештерските канали е значително поголема. Во неа има десет сали, пет тунели и седум подземни езера, што ја прави единствена по бројот на подземни езера во Грција. Најголемата сала е долга околу 45, а широка 17 метри.

Во внатрешноста температурата речиси никогаш не се менува. Во текот на целата година се движи меѓу 16 и 18 Целзиусови степени, а влажноста достигнува околу 90 проценти. Токму затоа, без разлика дали надвор е летна жега или зимски студ, во пештерата владее иста пријатна свежина.

Освен богатите пештерски украси, тука се пронајдени и палеонтолошки остатоци, меѓу кои и коски од пештерска мечка (Ursus spelaeus), животински вид што живеел во Европа за време на леденото доба и исчезнал пред околу десет илјади години.

Но, она што најмногу ја издвојува пештерата е легендата по која го добила своето име.

Според локалното предание, во нејзината внатрешност некогаш се криел огромен змеј кој чувал големо богатство – рудник со злато. Велеле дека од неговата уста излегувале пламен и отровни испарувања, па никој не се осмелувал да влезе. Дури откако змејот бил совладан, луѓето успеале да ја истражат пештерата и, според легендата, од нејзината кал извадиле златна прашина. Иако станува збор за народно предание, токму оваа приказна е причината пештерата и денес да го носи името „Змејска“.

Интересно е што пештерата долго време останала непозната. Се претпоставува дека нејзиниот влез со векови бил затрупан со наноси и не бил лесно забележлив. Повторно била откриена дури во четириесеттите години на минатиот век од локални истражувачи, а по долгогодишни истражувања и уредување, за посетители е отворена во декември 2009 година. При нејзиното уредување биле применети современи системи за осветлување и заштита, со цел природниот амбиент да остане што е можно понедопрен.

Меѓу туристите што ја разгледуваа пештерата затекнавме и Македонци.

Струмичанецот Звонко Николов, кој со своите синови беше во Костур по учеството на собир на олдтајмери, реши да ја искористи можноста да ја посети и оваа природна реткост.

Пештерата навистина остава силен впечаток. Осветлените подземни канали, сталактитите што со векови ја добивале својата форма и тишината што владее во внатрешноста создаваат чувство дека времето овде одамна застанало. Но, колку и да се импресивни природните убавини, Костур крие уште една, многу поинаква приказна.

Приказна што не се чита на информативните табли, не се продава во сувенирниците и не може да се разбере ако останете само во градот. За да ја откриете, треба да тргнете по тесните патишта што водат кон околните села. Таму, меѓу старите камени куќи и дворовите полни со цвеќиња, сè уште живеат луѓе кои го разбираат и зборуваат македонскиот јазик.

Следната наша станица е Апоскеп. Упатувајќи се кон ова планинско село –  патот почнува полека да се искачува кон падините на Неретска Планина. Со секој свиок, градот останува сè подалеку, а погледот кон езерото станува сè поширок. Токму овде се наоѓа Апоскеп – едно од десетиците села во Костурско во кои и денес живеат Македонци и нивни потомци. Од височина, Костур изгледа уште помал. Езерото го обиколува градот како природна тврдина, а куќите изгледаат како внимателно наредени една до друга.

„Овој неверојатен поглед на Костурското Езеро и градот Костур е од селото Апоскеп, коешто се наоѓа на пет километри од градот, на јужниот дел од Неретска Планина и на надморска височина од 790 метри. Во селото има околу стотина жители. Речиси сите го разбираат македонскиот јазик, но ретко кој сака да зборува.“

Апоскеп некогаш било големо и живо село. Во неговите куќи живееле стотици семејства, улиците биле полни со деца, а македонскиот јазик бил секојдневие. Денес сликата е поинаква. Многу куќи се затворени. Некои се обновени, но се отвораат само во летните месеци, кога потомците на иселениците ќе дојдат на неколку дена. Оние што останале, најчесто се највозрасните жители. Меѓу нив е и деведесет и двегодишниот Коста Макалцис. За себе вели дека старото семејно презиме му било Пантон.

Неговите спомени се речиси цел еден век историја.

„Имаше 500-600 жители, сега 50. Децата избегаа во Германија, Австралија, ние останавме старите кога ние ќе избегаме ќе се испразни“

Во само неколку реченици ја раскажува судбината на многу села во овој крај. Не ги испразнила само политиката, туку и потрагата по подобар живот. Во втората половина на минатиот век, многумина заминале на печалба во Германија, Австралија, Канада. Некои никогаш не се вратиле. Други изградиле нови куќи во родното село, но животот веќе го продолжиле далеку од овде.

Коста бил еден од нив.

Работел во Берлин.

„Куќите беа стари. Кога се вративме од Германија, работевме со кожи, заработивме добри пари. Јас бев во Берлин…“

„Од овци, кози… во Костур имаше многу кожа. Од тоа најмногу заработувавме.“

Кожарството со децении било еден од симболите на Костур. Уште од византискиот период градот бил познат по обработката на кожа, а подоцна и по крзнарството, кое со години било главен двигател на локалната економија. Многу жители од околните села работеле токму во оваа индустрија. Некои останале.

Други, како Коста, стекнатото знаење го однеле во Европа. Но, каде и да живееле, родното село никогаш не го заборавиле. Најинтересно е што, и покрај сите промени, дедо Коста без двоумење продолжува да зборува на македонски. Јазик кој го научил како дете. Јазик што, како што самиот вели, некогаш бил природен говор во селото.

„Кога дојдоа од Атина… тогаш почнаа полека да зборуваат грчки. Претходно сите македонски зборуваа… Не е баш како вашиот, ама можеме да се разбереме.“

Во овие неколку зборови се собрала доолга и болна историја. Генерациите што растеле во овие села зборувале на својот мајчин јазик дома, на улица и меѓу соседите. Подоцна, со текот на времето, грчкиот станал јазикот на училиштето, администрацијата и јавниот живот. Денес, најголем дел од младите веќе ретко го користат македонскиот. Некои го разбираат. Други знаат само по некој збор. Најстарите, пак, се живата меморија на еден свет што полека исчезнува.

Додека разговаравме со дедо Коста, селото беше тивко.

Само звукот на ветерот и неколкуте птици ја прекинуваа тишината. Тешко е да се замисли дека овде некогаш имало стотици жители. Но, во Костурско, Апоскеп не е единственото село каде што македонскиот јазик сè уште може да се слушне.

Продолживме кон уште едно место.

Кон Вишени. Село кое е уште помало. Но, во него нè очекуваше една сосема неочекувана средба.

Од Апоскеп до Вишени има десетина километри. Патот минува низ ридови, овоштарници и стари камени куќи, а со секој изминат километар станува јасно дека овие села одамна не живеат со темпото што некогаш го имале. Во Костурско има десетици вакви населени места. Во некои сè уште живеат Македонци и нивни потомци. Во други останале само неколку семејства. А има и такви во кои животот се враќа повремено, кога иселениците ќе дојдат да ги отворат куќите на своите родители и дедовци.

Вишени е едно од селата во кои времето како да застанало.

Тивко.

Мирно.

Со неколку десетици жители.

„Ова е средсело во Вишени. Во моментов овде има околу шеесетина жители, од кои најголемиот дел го разбираат и го говорат македонскиот јазик.“

Во вакви села никогаш не знаете кого ќе сретнете. Понекогаш долго ќе шетате без да разговарате со никого. А понекогаш, доволно е само некој да ве чуе дека зборувате македонски. Токму така се случи и оваа средба. Додека ги снимавме старите куќи, спомениците и селските улици, од една куќа што се наоѓа веднаш на средсело излезе жена.

Љубопитно нè праша дали сме Вишенци. Рековме дека не сме, но дека би сакале да слупнеме нешто повеќе за животот во селото. Без двоумење продолжи на македонски. Говор, кој останал зачуван онака како што го учела од своите мајка и баба, и сепак доволно близок за разговорот да потече сосема природно.

Ова е Тула. Мајка ѝ била Македонка. Татко ѝ Грк. Македонскиот го научила од својата мајка, уште како дете. Денес го зборува сè поретко. Нејзината мајка неодамна починала.

Со неа, вели Тула, заминале многу песни, приказни и спомени што не можат да се запишат во книги. Останале само во сеќавањата. Разговорот брзо прерасна во враќање низ времето.

Во детството. Во селските собири. Во песните што се пееле на свадби и слави. Најпрво се сети на едно оро.

„Шарени чорапи… Мама ми купи шарени чорапи… Така се викаше. Баба ми велеше дека било бугарско. И ‘Елено моме’… и тие песни…“

Тула објаснува дека во тоа време, кога овие простори биле под бугарска власт, децата учеле и бугарски песни и ора.

Но, тоа, вели, никогаш не го променило чувството за тоа кои се.

„Тогај беше Булгарија тука… ама ние? Македонци. Што Бугари беа? Еее… Македонци.“

Тула зборува со разбирање и смиреност за минатото, за настаните што ги памети, но и за оние што и биле само посредно раскажани. Но, најмногу сака да зборува за личните спомени една жена која преку јазикот ја чува врската со својата мајка. Додека разговараме, неколку соседи љубопитно нè набљудуваат. Некои поздравуваат, некои само се насмевнуваат, но не се придружуваат. Во овие села луѓето добро знаат кој е дојденец. Но исто така знаат и дека секој што ќе пристигне од Македонија, најчесто има едно исто прашање. Дали сè уште се зборува македонски? Одговорот не е едноставен. Да. Но многу помалку отколку порано. Најчесто дома, а и таму не постојано. Само меѓу најстарите. Сè поретко меѓу младите. Со секоја нова генерација, јазикот тивко се повлекува.

Она што останува се поединци како Тула и Коста. Луѓе кои не дозволуваат спомените да исчезнат. Кои сè уште паметат песни што ги слушале од своите баби. Кои се сеќаваат на старите ора, на празниците, на разговорите пред куќите. Сè додека тие се сеќаваат, и има кој да раскаже една приказна…Еден јазик продолжува да живее. Макар и само во неколку реченици кажани пред селската порта. Нашата прошетка низ Костур завршува токму овде. Но впечатокот што го носиме не е само од убавината на градот, византиските цркви или Костурското Езеро. Најсилниот впечаток останува од луѓето. Од нивните животни приказни и од нивната желба да не заборават.

Сузана Мицева

 

Jumbo 2