За осум месеци најголемиот производител на струја ЕСМ произвел 25 отсто помалку електрична енергија од она што го планирале. Наместо 2,700 гигават часови, капацитетите на електрани во овој период испорачале околу 2.100 гигават часови електрична енергија. Производство со слично сценарио како лани, но од ЕСМ уверуваат дека овој пат причината за помалку произведената струја не дефект туку станувало збор за економско работење поради кое се испорачало помалку електрична енергија од првичниот план.
-Оваа стратегија се реализираше во две фази, при што во првиот квартал, пред се, во јануари и февруари, наместо да се троши сопствениот потенцијал, компанијата закупи производство во висина на еден цел блок во РЕК Битола од когенеративната централа ТЕ-ТО. Оваа комбинација се покажа како исклучително профитабилна поради договорената поволна цена, што овозможи да се заштедат значителни количини јаглен кои потоа стратешки се искористија за тргување и оптимизација во вториот квартал. Во вториот квартал, поради исклучително ниските и поволни цени на пазарот на електрична енергија во земјава беше донесена одлука да не се става во функција вториот блок во РЕК Битола, туку потребите економски поефикасно да се покријат со директни набавки, велат од ЕСМ.
Но, она што е интересно е и тоа дека и годинава како и минатата има оптимистички најави дека домашните капаците 2026 ќе ја заокружат со производство од 4, 300 гигават часови електрична енергија, количина која исто така со години не е испорачана, па останува да се види какви зима е пред нас и дали овој пат ќе се произведе планираната количина.
Минатата година прогнозата беше уште пооптимистичка – околу 5.000 гигават часови да испорачаат домашните капаците, но наместо тоа според податоците се произведе најмалку струја во последните неколку години.
ЕСМ долго време се бори да ја подобри својата ликвидност и својата финансиска состојба. Според последните бројки од таму за период од 8 месеци компанијата успеа да оствари добивка од околу седум милион евра. Па останува да се види дали и колку подобрите резултати на ЕСМ ќе влијаат на цената на струјата за домаќинствата. Премиерот Мицкоски веќе најави дека пред нас е стабилна зима и се работи цената да остане иста или може би да се намали.
Според, последниот извештај на финансии, долговите на ЕСМ и натаму се над 30 милиони евра, но доста пари од своите должници компанијата треба да врати и во сопствената каса.
Ирена Чачкова













