Проектот за прослава на независноста, како и во многу други сценарија и во многу други случаи, е една голема проневера на пари, обвини лидерот нас СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Прво, лагата на премиерот, што веќе не е чудо. Секој ден се разобличува по една негова нова лага, практично арамискиот концепт на владеење на оваа влада, а тоа е дека, како што тој изјави, дека за оваа прослава не биле потрошени ниту еден денар народни пари“, изјави Филипче.
Филипче презентира одлука од, како што рече 167-та седница на владата, „со која јасно се укажува на АД Лотарија која стопроцентно е во сопственост на државата“.
„Што значи дека парите со кои тоа претпријатие располага се на граѓаните, не на некои приватни компании, не на некои донатори, да се организира оваа прослава, со целосно пет милиони евра народни пари на граѓаните. Зошто беше потребата премиерот да лаже, иако е тоа веќе терк во неговото однесување и да кажува дека не се потрошени ниту еден денар народни пари за оваа прослава“, истакна претседателот на опозициската партија.
Лотарија, продолжи Филипче, распишала јавен повик, а не класична тендерска постапка, со што, според него, се прекршува законот за спонзорства.
„Затоа што кажуваат дека согласно тој закон е правена оваа постапка. Поканети се само домашни компании, не и странски, што би требало да биде во случај кога станува збор за толку многу пари, пет милиони евра. И евалуација на целокупната постапка прави некоја Комисија од надворешни членови. Ниту знаеме кои се тие луѓе кои што одлучувале за пет милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата која што го организирала настанот. Притоа, само неколку месеци претходно, таа иста компанија добила пари од Државна Лотарија за некои други активности, никој не знае за кои и какви. Па може ли некој да каже дека нема сомнеж во оваа работа“, рече Филипче.
С.Д.













