На 15 километри од Пробиштип, во старо вулканско подрачје се наоѓа еден од најубавите манастири во Македонија. Лесновскиот манастир над еден милениум е чуварот на православието, македонскиот јазик и идентитет. Оваа божја убавина се смета за големо духовно светилиште и од каде се ширела словенската писменост.
Во периодот помеѓу X и XIV век во Лесново е создадена големата Лесновска Лавра, позната како најголема монашка република на Балканот со над 200 монаси во манастирот и стотина во околината во различни параклиси, пештери за испосници, но и скитови (мали молитвеници во карпа). Спокојот, духовниот мир се доживуваат уште пред да влезете во Лесновскиот манастир. Монашкиот живот се уште опстојува, а почетоците се поврзани со Свети Гаврил Лесновски.
Чуда се случуваат во Лесновскиот манастир, а првото е уште пред 1.000 години.
Фреските во храмот се уникатни низ кои доминира византиското сино. Јован Оливер кој бил и сопственик на рудниците за злато, за сината и црвената боја на фреските плаќал во злато. Непроценлива е вредноста на фреските по ѕидовите на божјиот храм.
Мијачките мајстори предводени од Петре Гарката го работеле три години, а потоа ги изработуваат иконостасите во црквата Свети Спас во Скопје и во Бигорскиот манастир.
Во Лесновскиот манастир до 40 тите години на минатиот век постоела и Лесновската препишувачка школа.













