Фашистичка реторика за едните, фројдовски синдром за другите. Опозицијата и власта денеска се препукуваа за говорот на премиерот при одбележувањето на Денот на независноста. Од СДСМ обвинија дека, наместо единство, повик за заедништво и прослава на државноста, Мицкоски повторно ја активирал кампањата „Талог“.Сметаат дека ова реторика е опасна и се должи на отсуството на резултати.
–Она што беше приметливо е дека тој вчера директно се закани дека ќе се соочи, ќе ги натера тие од „Талогот“ да се соочат со правдата, потоа седнувајќи до државниот обвинител.
Пораката е сосема јасна, изјави Андреј Жерновски, СДСМ.
Премиерот им врати дека жали што се препознале во овој термин.
–Жалам што СДСМ се препознава во талогот, очигледно кај нив работи фројдовскиот синдром. Јас многу прецизно реков дека талогот не смее да ја победи елитата. Ако талогот ја победи елитата и стане елита, тогаш вистинската елита ќе си замине, а тоа не е добро, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
За владејачката партија, поделбите и омразата ги шири токму опозицијата со своите тези. И од двете партии повторно најавија дека ќе стават крај на политиката и однесувањето на противниците.
Далиборка Демјанска Цветановска













