Почна еуфорично, со шампањ и скандирања. Референдумот на 8-ми септември 1991 година беше и повеќе од успешен- се одзваа 71,85% од граѓаните со право на глас, а од нив „за“ гласаа 95,09%.
Државата доби ново име, симболи и пари, но две од трите немаа долг век – мораше пак да се сменат.
Младите премиери на кои оваа позиција им беше прво вработување се препукуваа по тв-дуели, а народот облече бели и црвени дресови. Низ годините и овие бои се менуваа, црвената стана портокалова, белата – сина, но менталитетот и караниците останаа.
Општествени и економски кризи, внатрешно-политичка нестабилност, мачен процес на економска трансформација, познат како „транзиција“, етнички немири, „Шарена револуција“, контра-револуција, вербални и физички пресметки во Собранието, корупција, непотизам, криминал…
Дали така ја замислуваа иднината пратениците од првиот состав на Парламентот?
Луѓето кои учествуваа во создавањето на новата држава потсетуваат дека таа е поставена на силни темели, но на новите генерации останува да одлучат, дали и следните 35 години тие постојано ќе се разнишуваат?
Далиборка Демјанска Цветановска













