Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Дерби уште во 1.коло во Суперлигата: Охрид го пречекува Еурофарм Пелистер

/

Ракомет

Сподели преку :

Дербито меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер вечерва од 19 часот ќе го заокружи првото коло во ракометната Суперлига. Останатите фаворити за титулата, шампионот Вардар и Алкалоид, имаа лесни задачи на стартот од новата сезона.

Нема дилеми дека Охрид и Еурофарм Пелистер сезонава имаат високи амбиции и ќе атакуваат на шампионската титула. Првото коло можеби нема да реши многу во битката за врвот, но ќе покаже што сработија двата тима во подготвителниот период и на трансфер-пазарот.

Охрид значително го засили составот. Во „Билјанини Извори“ пристигнаа искусни странски ракометари како Доминик Мате, Шуичи Јошида, Адама Кеита и голманот Дино Славиќ, а македонскиот дел од ростерот го засилија Филип Талески, Мартин Карапалевски и Мартин Ивановски.

Битолчани, пак, имаа бурно лето. Искусниот Лино Червар ја презеде клупата, а тимот се засили главно со ракометари од регионот. Меѓу новајлиите е и македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов, кој пристигна од Алкалоид. Пелистер истовремено го задржа јадрото предводено од капитенот Филип Кузмановски, браќата Атанасијевиќ, Никола Митревски и Жарко Пешевски.

Двата тима во добра форма го очекуваат дербито. Пелистер сè уште нема пораз во подготвителниот период и Регионалната лига, а Кузмановски имаше неколку извонредни партии, меѓу кои и 15 гола против Партизан. Охрид ги освои силните летни турнири во Струга и Охрид и запиша три победи во Регионалната лига, а единствениот удар го доби во драматичниот пораз од Вардар во Суперкупот.

Домаќинот ќе сака да остане непоразен во својата „тврдина“ во „Билјанини Извори“, каде се очекува одлична атмосфера. Големото дерби уште во првото коло е одлична увертира за сезоната во која борбата за врвот се очекува да биде исклучително неизвесна.