Мртви гаврани и гулаби на една од најфреквентните улици во Битола со денови се распаѓаат крај тротоарите и коловозите. Сликите од угинатите птици на улицата „Солунска“ пристигнаа до редакцијата на Телма. Граѓаните информираат дека и по една седмица птиците не се подигнати до јавните површини.
Телма доби информација дека за време на периодот на епидемија нема ниту една пријава, ниту од граѓани, ниту од комуналните служби. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги задолжи јавните комунални претпријатија да ги пријавуваат случаите на мртви птици за да може навреме да се направат лабораториски анализи за да се потврди или отфрли присуството на западнонилска треска.
Од АХВ известија дека досега се добиени три позитивни лабораториски резултати. Присуството на вирусот е потврдено кај два угинати гаврани, пронајдени на подрачјето на Скопје, и кај еден угинат гавран, пронајден на подрачјето на Ресен, од вкупно 130 пријави на територијата на целата држава.
Граѓаните треба да обрнат особено внимание доколку на исто подрачје, во краток временски период, забележат поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици, се вели во известувањето на агенцијата.













