Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Зелена трансформација на битолските училишта, сами произведуваат струја, штедат и не загадуваат – Телма репортажа

/

Македонија

Сподели преку :

Од застарена инфраструктура и греење на нафта, до модерно зелено училиште по европски стандарди. По неколку години интензивни вложувања, основното училиште „Стив Наумов“ во Битола ја заокружува својата еколошка трансформација. До лани, се трошеше фосилно гориво за затоплување, а сега покривот произведува сопствена струја, новата фасада ја задржува топлината, а загревањето преоѓа на топлински пумпи – што значи помали сметки и помалку загадување.

„ Кога станав директор веќе беше сменета дограмата. Потоа започнавме со проектот за енергетски ефикасна фасада. Со добивањето на проектот, кој е во вредност од 7 милиони 681 илјада денари, автоматски се приклучивме кон училиштата кои можат да преминат на втората фаза со поставување на фотоволтаици. Во моментот поставуваме и топлински пумпи, така што училиштето навистина станува зелено училиште.“ Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ – Битола

До лани овде се трошеше фосилно гориво за затоплување. Сега, покривот произведува сопствена струја, новата фасада ја задржува топлината, а загревањето преоѓа на топлински пумпи. Тоа значи пониски сметки, но пред сѐ — помалку загадување. „Тоа значи исфрлање на нафтата како енергенс, односно загадувањето. Ние придонесуваме до чиста зелена енергија и еколошка средина. Училиштето прави големи заштеди со поставувањето на енергетско-ефикасната фасада, бидејќи не бега таа енергија која ја имаме.“ вели Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ – Битола

За едно училиште навистина да стане енергетски ефикасно, најпрво мора да престане да ја губи енергијата преку покривот, прозорците, фасадата. Дури потоа инвестициите во обновливи извори на енергија можат да го дадат целосниот ефект и да донесат реални заштеди.

„Уште од самиот почеток се водевме од тоа дека едното без другото не може. Не можете да поставите обновлив извор на енергија, а притоа објектот да не е енергетски ефикасен. Енергетската ефикасност подразбира промена на покривот, дограмата и фасадата. Во изминатите години работевме токму на тоа, а потоа следуваше поставувањето на фотоволтаиците. Училиштето ‘Стив Наумов’ беше најдобро решение за поставување топлински пумпи бидејќи не е опфатено со топлификацијата. Очекуваме веќе од следната грејна сезона учениците да имаат многу поквалитетни услови, а истиот систем ќе ја опслужува и спортската сала.“ вели Емилија Сарафска, од Оделението за економски развој  во Општина Битола

Она што започна со неколку објекти, денес прераснува во системска политика на целата општина, Целта повеќе не е само да се намалат сметките за електрична енергија, туку училиштата постепено да ја намалат зависноста од фосилните горива, да произведуваат сопствена енергија и да создадат поквалитетни услови за учениците.

„Уште од почетокот на мандатот активно се вклучивме во процесот на имплементација на решенија за зголемена енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Денес имаме поставено фотоволтаици во 10 училишта – седум основни и три средни. Веќе имаме проекти за уште три, така што до крајот на годината ќе имаме 13 училишта покриени со фотоволтаици, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Следниот чекор е училиштата и јавните институции да не бидат само поединечни производители, туку да станат дел од една заедничка енергетска мрежа -Преку енергетскаат заедница од Виена, Битола е избрана како единствен град во државата кој ќе биде дел од пилот-проектот за градење на капацитетите на општините за обновливи изври на енергија. Пред два месеци бевме во посета на Хрватска, какде со група гардоначачници се запознавме со нивнито начин на функционирање на енергетските заедниц. И кај нас следува формирање енергетски заедници, каде што училиштата и јавните институции ќе можат произведената електрична енергија да ја споделуваат меѓу себе.“ Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола

Денес  финансиските придобивки веќе се гледаат во  буџетите на училиштата, а најголемата придобивка се очекува  за животната средина. „Во училиштето ‘Крсте Петков Мисирков’ за само една година од поставувањето на фотоволтаиците заштедата беше повеќе од 95 илјади денари. Ако ги собереме сите објекти во кои има поставени обновливи извори на енергија, денес зборуваме за околу 17 илјади евра годишна заштеда. Очекуваме со поставувањето на топлинските пумпи тие заштеди дополнително да се зголемат. Не е само економскиот аспект — со поставувањето на обновливите извори на енергија се намалуваат емисиите на јаглерод диоксид за околу 200 до 220 тони годишно. Тоа е придобивка која можеби не ја гледаме секој ден, но е исклучително важна за животната средина.“ додава Емилија Сарафска Во ОУ  „Стив Наумов“, заштедените средства веќе добиваат конкретна форма.

Наместо да останат само бројки во табели и финансиски извештаи, тие повторно се враќаат кај учениците. Како ќе бидат искористени, не одлучува само раководството на училиштето. Учениците, преку изработка на свои проекти и идеи за подобрување на училиштето, предлагаат во што да се инвестираат заштедените средства, а најдобриот проект добива можност да биде реализиран. Така, дел од приходите од произведената електрична енергија веќе се претвораат во нов простор за едукација – отворена училница во училишниот двор.

„Со поставувањето на фотоволтаиците дојдовме до заштеда на електрична енергија. Фотоволтаиците произведуваат струја, при што од 7 до 12 проценти од произведената електрична енергија на месечно ниво се користи за потребите на училиштето. Останатата електрична енергија се пласира на слободниот пазар, а средствата што се остваруваат од нејзината продажба повторно се вложуваат во училиштето. Учениците предлагаат проекти за кои ќе се искористат тие средства, а најдобрата идеја се реализира.  Децата направија три групи на проекти. Најдобриот проект го избраа учениците од седмо одделение – да направиме отворена училница. Очекуваме веќе од први септември наставата да може да се одвива и надвор. Тоа е уште една придобивка од фотоволтаиците, вели Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ – Битола.

Фотоволтаиците не се само панели поставени на покривите на училиштата. Тие се првиот, но не и последниот чекор во енергетската транзиција на градот. Образовните установи се само еден сегмент од јавната инфраструктура што треба да стане поенергетски ефикасна. Вистинскиот предизвик допрва следува – дали истиот пристап ќе се прошири и во другите јавни институции и дали инвестициите ќе донесат долгорочни придобивки и за животната средина и за јавните финансии.

Емилија Мисирлиевски

Jumbo 2