„Ќе остане запаметено дека токму во времето на ДПМНЕ, партијата која со години ги делеше Македонците на „патриоти“ и „предавници“, која организираше протести, маршеви и кампањи против Преспанскиот договор и која на изборите ветуваше дека ќе го врати името, македонскиот народ исчезна од официјален меѓународен договор и стана „народ на Северна Македонија“, обвинуваат од партијата Левица.
Од партијата наведуваат дека во новиот билатерален договор меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, кој Владата го предлага за ратификација, македонскиот народ е опишан со нова формулација во официјален меѓународен договор.
„Во делот што се однесува на заштитата на археолошкото и етнолошкото културно наследство, наместо формулација за културното наследство на македонскиот народ, се користи изразот „културното наследство на народот на Северна Македонија“. Прашањето е едноставно: каде исчезнаа сите ветувања?“, велат од Левица и додаваат наместо од позиција на власт да менуваат нешто од она што толку години го претставуваа како историско предавство, денес самите произведуваат и предлагаат нови меѓународни договори во кои не само што е целосно нормализирана новата државна терминологија, туку се нормализира и нова формулација за самиот НАРОД.













