Со свирежи и напишани пораки на транспаренти, транспортерите денеска два часа протестираа пред седиштето на Европската Унија во Скопје. Беа гласни за, како што велат, да ги чујат претставниците на ЕУ дека проблемот со слободата на движење на возачите не е само нивни, туку е проблем на целата европска економија.
„Ако не сме ние ни извоз ќе има ни увоз, храна ќе нема, облека ќе снема, целата индустрија што произведуваат странските инвестиции ние ја носиме робата. Ако не сме ние ќе застанат фабриките“, вели Оливер Митиќ, возач.
„И не можам да разберам зошто нас не нè третираат како тие што ги возат авионите, возовите, а нашите возачи ги третиреаат поинаку. Значи, без потреба им бројат денови, нè третираат како туристи во ЕУ. Не е фер од нивна страна“, вели Ќатиб Даути, возач.
„Најголемиот проблем е да не ги бројат деновите како за туризам да одиме ние, тоа е една од работите. Второ, да не ни ги бројат во денови, туку во часови. Некогаш се случува да влезам во 15 до 12, а ми го бројат како цел ден да сум престојувал таму. Тоа е исто еден од проблемите, друг проблем е што некаде стоиме со денови, не со часови, туку со денови соочени на секакви мајтапи“, вели Димитар Стојановски, возач.
Освен во Скопје, се протестираше пред мисиите на ЕУ и во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, бидејќи со актуелните правила за движење во шенген зоната засегнати се сите возачи на камиони од земјите од Западен Балкан.
Проблемот е што на камионџиите им се пресметува времето минато во шенген зоната како и на секој друг граѓанин на трети земји, односно престојот им е ограничен на 90 во последните 180 дена. Ако веќе не може да бидат изземени од ова правило, како што е случај со машиновозачите и пилотите, тогаш бараат наместо во денови, нивниот престој да се брои во часови и минути.
За утре е најавен состанок на шенген членките, а транспортерите се надеваат дека на дневен ред ќе дојде и нивното прашање.
Ако и по овој протест нема некакво конкретно решение, следниот чекор на транспортерите е да ги блокираат границите.
„Ќе се организираме да блокираме граница исто како минатиот пат и овој пат ќе се потрудиме да одиме до крај, додека не се најде конечно решение, а не како минатиот пат со ветување и немаше ништо конкретно“, вели Сенад Идризи, менаџер на транспортна компанија.
„Ние сме двигателот на целата економија. Дали работиме во извоз или увоз, без нас не може да се заврши ланецот на кружното движење на капиталот. Се надеваме дека овој пат ќе размислат убаво бидејќи еден возач да го чуваш во кафез, односно во затвор три, четири или пет часа за да му провериш дали има или нема надминато денови е, благо речено, страшна дискриминација и повреда на човековите права. Бидејќи тој возач според сите закони, европските и нашите, мора да е психички стабилен за да би можел да учествува во сообраќајот.
Сите наши барања кои што досега како предлози ги дадовме ни ги одбија. Затоа реков, во вонредни услови треба вонредни мерки да се донесат. Очигледно е дека се работи за политичка одлука дали ќе нè пуштат или нема да нè пуштат да работиме нормално во ЕУ“, вели Биљана Муратовска, генерална секретарка на македонската транспортна асоцијација „Макам-транс“.
Превозниците еднаш веќе ги блокираа границите во јануари, кога од европските претставници добија ветување барем за преодно решение за професионалните возачи на камиони, но и по седум месеци нема никакво конкретно решение.
Во меѓувреме, владата се обидува преку билатерални спогодби да го олесни движењето на транспортерите, а ги таргетира државите каде најмногу се извезува. Веќе се склучени договори со Швајцарија, Хрватска и Романија, а се преговара и со Австрија, Германија и Унгарија.
Мирјана Јовеска
Роберт Коцев












