Талогот на СДС и Венко Филипче продолжуваат со неодговорното политикантство и со критики кон проекти од стратешко значење за иднината на државата, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владеачката партија велат дека „развојот на индустријата поврзана со дата центри е светски тренд и значаен дел од дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста“.
– Наместо да го поддржи развојот и заштитата на дигиталната инфраструктура и развојот на индустријата која е иднината, Филипче и СДС повторно се поставуваат против интересите на граѓаните и државата – реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Македонија веќе има секундарен дата центар во Прилеп.
„Тоа значи дека сега секоја институција сама наоѓа начин како да ги чува податоците и во случај на евентуален сајбер напад на системот на поединечна институција, тие се чуваат во секундарниот дата центар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде посочуваат дека „на државата ѝ е потребен и основен, примарен национален дата центар, преку кој ќе се обезбеди сигурно и централизирано чување на податоците на сите државни институции“.
-Во делот на Реформската агенда со Европската Унија, Македонија има проект за изградба на националниот дата центар и за неговата реализација се предвидени европска финансиска и техничка поддршка, а обврска на државата е да го изгради овој основен дата центар, што ќе значи современа примарна инфраструктура за безбедно чување на податоците – се вели во партиското соопштение.













